Како да го “наштимате“ тимот

80

Вечна е дилемата околу тоа дали лидер се раѓа или се станува. Некои експерти сепак уверуваат дека лидерот се создава со текот на годините и искуството. Може некој да има вроден талент да биде лидер, но не ужива во таа улога, ја потиснува таа задача или едноставно не се пронаоѓа во таа приказна. Важно е да се знае дека да се биде добар лидер не е некоја голема филозофија, бидејќи е потребно да имате добри соработници, да умеете брзо да мислите и да се знаете која одлука да ја донесете во вистински момент.

Вистинскиот лидер во својот тим гледа потенцијал

Правиот лидер секогаш знае каков е неговиот тим, колкав е неговиот потенцијал, кои му се слаби, а кои силни страни. Лидерот секогаш знае да сослуша, да биде внимателен, да покаже емпатија, да понуди чувство на сигурност. Тој не треба да “сее страв“, туку да ужива во заслужениот авторитет. Не ги гледа работите од страна, туку ја предводи работата, презема на себе голем дел од товарот и го бодри тимот кога е најтешко.

Инвестира во себе и своите соработници

Добриот лидер е секогаш подготвен да научи нешто ново, да стекне искуство и да го сподели. Исто така, свесен е дека неговите колеги мора да ги имаат на дофат сите вештини што им се неопходни за да станат подобри, попродуктивни, покреативни. Не се плаши да каже дека не знае, секогаш има потреба да дознае што има зад затворената врата, а својата љубопитност како зараза им ја пренесува и своите колеги.

Знае во која ситуација како да се постави

Понекогаш е доволно да застане на страна, да ја набљудува ситуација, а некогаш да влезе сам во “разгорениот оган“. Само добриот лидер може да процени како треба да се однесува во даден момент. Лидерот не треба да ја работи работата на сите членови во тимот, само затоа што е лидер и е убеден дека е најдобар, ниту да “шефува“ со рацете во џеб. Потребно е да ја направи проценката, да ги знае можностите на колегите, ресурсите со коишто располага и веднаш да го реши и надмине предизвикот.

Поддршка, почит, вреднување, благодарност…

Овие одлики како да се забораваат во светот на бизнисот. Како работите да стануваат толку многу крути, што лидерот е толку зафатен со себе, што не може да погледне во каква состојба се неговите вработени, дали на некого му е потребна помош, поддршка, убав збор, слободен ден… Добриот лидер не “потчукнува“ по рамо, туку од срце кажува кога нешто е добро направено, знае да ги почитува различните мислења и ставови. Тој никогаш не треба да го има ставот дека е главен, а другите дека се потчинети. За секоја добро завршена работа, тој знае како да ја вреднува (не мислејќи само на исплата на бонус, туку и на други мерки што би ја зголемиле мотивацијата кај вработените) и да изрази искрена благодарност.

Фото: Pixabay