Како да излезете на крај со “тешки“ луѓе

227

Секојдневната комуникација со различни типови на луѓе ги прави менаџерите прилагодливи на сечиј карактер. Но, понекогаш е исклучително тешко да се разберете и да најдете заеднички јазик со “тешки“ луѓе, без оглед на тоа дали ви се колеги, соработници, клиенти, претпоставени…

Можеби најдобриот совет е да се “ослободите“ од такви луѓе, односно комуникацијата со нив да ја сведете на минимум. Но, тоа е невозможно доколку се работи за ваши колеги или клиенти со коишто поминувате многу време заедно на работа.

Акцентот ставете го на однесувањето, заборавете ја личноста

Бидејќи “ослободувањето“ не е опција, обидете се да им укажете на тоа како се однесуваат. Ако имате колега кој постојано доцни, а вам ви е неопходен неговиот потпис во осум часот наутро, дајте му до знаење дека некои работи мора да се променат за да може работите да течат без проблем. Поразговарајте со тој “проблематичен“ колега, направете поинаква организација на активностите за да ви одговара вам, а и на неговиот карактер. Секогаш мора да бидете подготвени на компромис, бидејќи доколку заземете крут став, тоа само ќе ја влоши ситуацијата.

Покажете разбирање

Често пати зад “тешкото“ однесување има некоја позадина  што е директно или индиректно поврзана со однесувањето. Затоа, дајте дознаење дека сте подготвени на разговор, имате време и трпение да го сослушате колегата, соработникот, клиентот… и заеднички да ги решите недоразбирањата, пред сè за доброто на компанијата. Покажете дека ригидниот став не води никаде, туку за доброто на сите сте спремни да ги подобрите односите.

Имајте трпение

Ништо во животот не е едноставно и лесно. Така е и во градење соодветен однос со луѓе со кои приватно никогаш не би седнале на кафе или на ручек. Но, поради потребите што ги наметнува работата, треба да им погледнете во очи на “тешките“ луѓе и со многу трпение да успеете да ги решите несогласувањата и да најдете начин што е прифатлив за сите.

Фото: Pixabay