Како да летувате на одржлив и еколошки начин

21

Дури ниту најубавите плажи во светот не можат да го избегнат пластичниот отпад што сè повеќе е присутен во морињата и океани, а во текот на патувањето со автомобил тешко може да се ужива во глетката поради натрупаното ѓубре долж автопатиштата. Од таа причина Светскиот фонд за природа (World Wide Fund – WWF) објави мал водич за патувања и насоки како летувањето да биде одржливо и еколошко.

Користете термос за вода, наместо вода во пластични шишиња

WWF на патниците им советува да користат термос шишиња за вода за да не мораат да купуваат вода во пластични шишиња додека патуваат.

Со себе носете чинија за оброк и прибор за јадење за повеќекратна употреба и тоа во платнена торба

Оттаму порачуваат дека наместо пластичен прибор за јадење за еднократна употреба, користете чинија и прибор што може да ги користите подолго време, а да ги чувате во платнена торба наместо во пластична кеса. Овој совет најмногу важи за оние кои кампуваат.

Барајте сместување што има ознака за одржлив развој

Консултирајте се со туристичката агенција, водич или лица од локалната заедница при барање на ваков вид на сместување што гарантира дека ги почитува сите еколошки и одржливи стандарди.

WWF советува да се избегнува храна што се послужува во амбалажа за еднократна употреба, како и спакувани прехранбени производи, бидејќи тие сочинуваат голем дел од отпадот што завршува во морињата.

Фото: Pexels