Како да се справите со колега манипулатор

209

Веројатноста дека во вашата кариера ќе наидете на манипулатор е голема. За жал, луѓето кои користат манипулативни тактики за да добијат што сакаат може да ги сретнете и на работното место.

Меѓу најтоксичните колеги или шефови со кои ќе се сретнете, манипулаторите се тешки за решавање. Манипулаторот ќе стори сé за да ви ја разниша довербата, да ве натера да се чувствувате глупаво, неизвесно и помалку вредно. Манипулаторите сеат сомнеж за да ве држат нефокусирани и го одземат она што го сакаат од вас, убедувајќи ве да верувате дека нивните мислења се објективни, а вашите несоодветни.

Лицата кои сакаат да управуваат со другите вешто се прикриваат, имаат многу лица и се трансформираат според потребата.

Постојат низа фактори според кои можете да препознаете манипулатор. Тие секогаш ја префрлаат вината на друг, сакаат да се прикажуваат како жртви, однесувањето им е променливо и непредвидливо, односно го менуваат зависно од публиката. Исто така, се нечувствителни кон другите, емпатијата за нив е непознат поим. Постојано критикуваат и шират раздор меѓу колегите, а непожелните разговори брзо ги прекинуваат. Манипулаторите се тешки за решавање, сè додека не ги промените правилата на играта.

Во продолжение прочитајте како да се справите ако пред вас се појави манипулатор.

Времето како сојузник

Манипулаторот бара веднаш да ги задоволите неговите барања за да ви создаде максимален притисок. Така лесно ќе ве контролира во ситуација во којашто од вас бара нешто да направите многу брзо. Наместо веднаш да одговорите на барањето на манипулаторот, потрудете се да се оддалечите од неговото влијание и искористете го времето во своја корист. Дајте си време да размислите добро за ситуацијата и дали сакате да преговарате.

Научете да речете “не“ – дипломатски, но цврсто

Цврсто изговореното “не“, ви овозможува да ги браните своите стојалишта и да ја разрешите ситуацијата. Едно од основните човекови права е и правото на сопствени приоритети, право да кажете не, без чувство на вина и право да изградите среќен и здрав живот.

Соочете се со манипулаторот

Манипулаторот за свои жртви најчесто ги бира личностите кои ги доживува како послаби. Додека делувате пасивно и попустливо, ќе бидете мета. Манипулаторот сака да ги заплаши неговите жртви. Кога неговата мета ќе покаже карактер и спротивставување, манипулаторот се повлекува.

Запомнете дека проблемот не е во вас

Манипулаторот ја бара и ја искористува вашата слабост. Вие може да се чувствувате неспособни, па дури и да се обвинувате себе си зошто не сте му помогнале. Во тие ситуации важно е да запомнете дека проблемот не е во вас, туку некој манипулира со вас и сака да се чувствувате лошо бидејќи така лесно ве управува.

Фото: Pexels