Како една книжара се спаси од пропаст – за еден викенд доби 25.000 нарачки

291

На книжарницата Strand во Њујорк, којашто постои од 1927 година и ја преживеала Големата депресија и Втората светска војна ѝ се закануваше опасност да стане жртва на коронавирусот. Но, благодарение на обожавателите кои нарачуваа книги од нивната веб страница или чекаа во долги редови за да го поддржат бизнисот, може да се спаси.

Книжарата Strand оствари продажба од 170.550 долари минатата сабота и недела, неколку дена откако сопственикот Ненси Бас Вајден на Facebook и Тwitter побара помош од читателите. Како и другите бизниси и книжарницата се бори да се сврзе крај со крај за време на пандемијата на коронавирусот. Во септември изгуби 316.000 долари во продажбата.

“Луѓе често ни раскажуваат за магичните моменти кога првпат нашле долго барана книга кај нас или се сретнале на прв состанок токму во книжарницата. Знаевме дека нешто им значиме. Но ова е крајно трогателно“, изјави Вајден за CNN.

Интернет страницата на Strand паднала во саботата, за првпат досега, поради огромниот број на посети. Книжарницата добила 25.000 нарачки само тој викенд, а обично прима околу 300 дневни нарачки преку интернет.

Имало клиенти кои се понудиле да работат волонтерски, една жена купила 197 книги, а над 20 луѓе побарале Strand да им ја дизајнира домашната библиотека.

Фото: Facebook