Како изгледа најаеродинамичниот Volkswagen во историјата

27

Аеродинамичките способности стануваат сè поважни за производителите, со оглед на се построгите стандарди за емисија на штетни гасови.

Аеродинамиката игра клучна улога во рамките на општата ефикасност на возилата. Конструкторите на автомобили брзо сфатија дека подобрата аеродинамика на возилата влијае и на подобрување на перформансите, но и на намалување на потрошувачката на гориво. Секако, аеродинамичноста на возилата е важна и од аспект што производителите мораат да ги задоволат и се построгите стандарди за емисија на штетни гасови. Ист е случајот и во Volkswagen, кој обрнал особено внимание на аеродинамиката низ историјата.

Работата на намалување на отпорот на воздухот најпрво е поврзуван со тркачките автомобили. Но, производителите уште пред Втората светска војна правеле сериозни напори и цивилните возила да станат што е можно поаеродинамични. И денес, во 21 век, аеродинамиката исто така игра важна улога.

Сепак, најеродинамичното возило во историјата на Volkswagen не потекнува од 2019 или 2020 година, туку е старо четири децении. Станува збор за експерименталниот лесен едносед со ознаката ARVW или Aerodynamic Research Volkswagen. Кај овој автомобил коефициентот на отпор на воздухот изнесувал само 0,15.

Идејата на Volkswagen за експериментален автомобил со екстремно низок коефициент на отпор на воздухот датира од седумдесеттите години кога светот беше погоден од нафтената криза која влијаеше на скокот на цената на горивата. ARVW имал висина од само 838 милиметри, додека ширината изнесувала само 1.100 милиметри. Според својот изглед и пропорции, автомобилот повеќе наликувал на возило за соборување на некој брзински рекорд. Инженерите на компанијата имале мошне едноставна задача, која барала мошне сложена солуција на што е можно поаеродинамичен начин да се креира каросеријата во која требало да се најдат возачот, моторот и четирите тркала.

Поради подобрата аеродинамика, тркалата биле сокриени во внатрешноста на каросеријата. ARVW бил опремен и со вертикални подвижни стабилизатори на задниот дел од каросеријата. Тие му помагале на возилото да биде што е можно постабилно при високи брзини. Самата каросерија била изработена од фиберглас и карбон. Шасијата е направена од алуминиум со цел автомобилот да биде што е можно полесен.

За напојување бил употребуван 2,4-литарски шестцилиндричен турбо-дизел мотор со 180 КС. Моторот се наоѓал зад возачот, додека погонот бил на задните тркала. Со оглед на тоа дека станува збор за експериментално возило, Volkswagen го тестирал и неговиот брзински потенцијал, па во 1980 година на познатата тест-патека Нардо забележана е брзина од 355 km/h, додека подоцна овој резултат е подобрен на 362 km/h.

Преземено од Avtoplus.mk