Како менаџерите можат да се справат ако некој дојде болен на работа или се плаши од зараза

175

Заканата од ширење на корона вирусот на работа го постави прашањето: Што директорот може да побара од вработениот кога ќе дојде на работа болен или ако се плаши поради изложеност на зараза?

Работодавачите се должни на вработените да им обезбедат здрава и безбедна работна средина. Многу компании денес се обидуваат да го минимизираат ризикот од изложеност на корона вирус со ограничување на деловни патувања.

Некои компании ги откажуваат помалку важните деловни состаноци, откажуваат конференции, семинари, конвенции, а некои одлучија вработените да работат од дома.

Ако работодавачот инсистира да се оди на службено патување, а работникот не сака да оди поради страв од зараза, работодавачот треба да процени дали е навистина неопходно и безбедно.

“Како што ситуацијата со корона вирусот се шири, работодавачите мораат континуирано да проценуваат што е потребно и што е сигурно за вработените“, наведува Алка Рамшандани Рај, адвокат специјализиран за безбедност на работно место во адвокатската канцеларија Littler Mendelson, пишува CNN.

Според неа, работодавачот би требало да пронајде начин како да го реши проблемот. За почеток, многу зависи од тоа каде вработениот треба да патува и кои се здравствените ризици во таа област.

“Директорот би требало да дознае повеќе за специфичните проблеми на вработените“, вели Амбер Клејтон, директорка на здружението за управување со човечки ресурси Center at the Society for Human Resource Management.

Ако компанијата верува дека патувањето е безбедно, директорот би требало да укаже на официјалните упатства на здравствените организации.

Исто така, неопходно е да истражи што компанијата треба да направи за работникот да се чувствува добро на патувањето. Тоа би можело да значи овозможување на здравствена опрема. Секогаш постои и опцијата состанокот да се одржи преку видео конференција.

“Во сите случаеви комуникацијата е клучна“, наведува Реј.

Ако компанијата го прати работникот на службен пат и покрај загриженоста, работодавачот ризикува вработениот да се зарази со вирусот додека е на пат.

“Во такви случаи вработениот би можел да преземе правни мерки, а ако се врати заразен и пренесе вирус и на другите работници, надоместот на работниците би можел да стане голем проблем“, напоменува Клејтон.

Компаниите треба да имаат јасна политика и систем на постапки за да се спречи ширењето на болеста. Ова вклучува експлицитно охрабрување на луѓето да останат дома или да ја напуштат канцеларијата кога не се чувствуваат добро и да не ги казнуваат вработените кои ќе го сторат тоа, особено сега кога е прогласен глобалниот здравствен аларм.

Фото: Pixabay