Како осигурителите „пловат“ низ поплави во централна Европа

34

Циклонот Борис деновиве ја зафати централна Европа и направи големи штети во Австрија, Чешка, Полска, Романија и Унгарија. Многумина тврдат дека ова се најлошите поплави во оваа деценија, кои ќе предизвикаат милијарди штети на економијата. Според последните извештаи, повеќе од 20 лица загинале.

Обилните врнежи деновиве предизвикуваат големи проблеми во Европа, а многу реки на повеќе места се излеаа од коритата. Досегашните проценки за штетите варираат од неколку стотици милиони евра до повеќе од милијарда евра, се вели во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг Морнингстар ДБРС, што ја пренесува Ројтерс.

Поплавите се веќе најскапата природна катастрофа во Европа, според еколошката консултантска куќа JBA Risk Management со седиште во Велика Британија. Излевањето на реките чини 7,8 милијарди евра секоја година, а оваа сума се очекува да расте бидејќи економиите во областите со висок ризик од поплави продолжуваат да растат, додека климатските промени предизвикуваат сè поинтензивни врнежи.

Градоначалникот препорача евакуација
Метеоролошките и хидролошките предупредувања се сфаќаат многу сериозно во Полска. Градоначалникот на Ниса, Кордијан Колбијарз, им препорача на 44.000 жители да се преселат на повисоките места со своите најблиски и најважните работи за да се избегнат поплави. Во историскиот град Вроцлав, жителите на одредени области исто така добија совет да се евакуираат.

Во Унгарија внимателно го следат нивото на реката Дунав, а премиерот Виктор Орбан, според извештајот на Би-Би-Си, ги откажал меѓународните посети поради „екстремните временски услови и поплавите во Унгарија“.

Во Чешка, во градот Јесеник, за само неколку дена паднаа пет пати повеќе врнежи од очекуваната месечна количина. Во австрискиот град Санкт Пелтен за четири дена падна повеќе дожд отколку во рекордната врнежлива 1950 година.

Што се случува со полскиот осигурител PZU?
Акциите на полската осигурителна компанија PZU изгубија повеќе од седум отсто од својата вредност во понеделникот, но закрепнаа во вторникот и го завршија денот на варшавската берза шест отсто повисоко од нивната почетна вредност. Според извештајот на Блумберг, осигурителот сè уште нема дадено проценка за влијанието на поплавите врз својот бизнис.

Полската, романската и австриската влада ослободија стотици милиони евра вонредни фондови, додека чешката влада размислува да го измени буџетот за 2024 година поради штетите предизвикани од поплавите, пренесува Euronews.

Како тоа влијае на бизнисот на осигурителните компании?

Последиците од поплавите ќе се одразат и на финансиските извештаи на осигурителните компании. На пример, во Словенија, која минатата година се соочи со поплави еднаш во 100 години, осигурениците пријавија зголемување од 17 отсто на премиите за пожари и природни катастрофи оваа година. „Во првите месеци по несреќата луѓето се повеќе наклонети кон проширување на опфатот, но тој тренд брзо стивнува“, коментира Заваровалница Сава.

Како бизнисот на осигурителите кои работат во областа на Централна Европа е погоден од циклонот Борис?

Сегментот на неживотно осигурување, кој вклучува осигурување на имот и несреќи, минатата година на Allianz Insurance ѝ донесе зголемување на оперативната добивка од 1,2 отсто, додека приходите се зголемени за 11,2 отсто.

„Ова укажува на помали маржи, што се одразува на растот на комбинираниот коефициент за 0,6 процентни поени во однос на претходната година“, вели аналитичарот на Bloomberg Adria, Матео Мошња. Тој објасни како делумно придонесе инфлацијата за ова, но и ефектот од природните катастрофи, кои го чинеа Алијанц 2,3 милијарди евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година.

Овогодинешниот бизнис покажува дека мартовските поплави во јужна Германија негативно се одразиле во вториот квартал, во износ од 642 милиони евра. „Затоа се очекува сегашните поплави, кои најмногу ја зафатија централна Европа, да имаат уште поголем ефект во однос на минатата година“, посочи тој.

Слична е ситуацијата и со друга европска осигурителна компанија „Џенерали“: „Минатата година бизнисот беше негативно погоден од природни катастрофи, кои го чинеа 1,1 милијарда евра, што е за 70 отсто повеќе од претходната година. Годинава, според аналитичарите, приказната се повторува: „Во вториот квартал, поради поплавите во Германија и Австрија, забележано е зголемување од 40 отсто на негативното влијание на природните катастрофи (250 наспроти 178 милиони евра).

Треба да се напомене и дека Цирих Иншуренс Груп забележа повисок комбиниран коефициент во првата половина на 2024 година, наведувајќи ги природните катастрофи како главна причина за поголемото учество на расходите во приходите, чиј процент е зголемен од 1,8 отсто од премиите во првата половина од 2023 година до 2,4 проценти во првата половина на 2024 година.

Блумберг Адриа