Како паметно да ја искористите паузата на работа

65

Иако работното време во просек трае осум или понекогаш и повеќе часови, сепак ефективното работно време трае помалку. Доколку имате напорен ден, еден куп документи на бирото, важни состаноци, телефонски разговори, мејлови… мора да пронајдете време за пауза.

Не го изоставувајте ручекот

И во работни денови кога ви се потребни и повеќе од осум часа за да може да ги завршите сите работни обврски, одвојте барем 15-тина минути за ручек. Така ќе можете да ги тргнете мислите од работата, да внесете доволна количина на витамини, минерали и протеини, што ви се неопходни за енергија и концентрација. Јадејќи ја омилената храна, ќе имате малку повеќе време за себе и да се “рестартирате“ за да можете полесно и поефективно да ги завршите обврските што ве чекаат.

“Заборавете“ го бирото барем на неколку минути

Дури и во ситуации кога сте пренатрупани со работа и мислите дека немате време за пауза, одвојте малку време да си дадете оддишка и да се тргнете од бирото или канцеларијата. Премногу долго седење во канцеларија може да остави и сериозни последици врз здравјето на вработените, затоа и само неколку минути надвор од канцеларија може да донесе малку одмор.

Разговарајте со колегите

Ако излезете малку на воздух со колегите и разговарате на тема што не е поврзана со работата, би можело да ви помогне да се одморите макар на пет минути и полесно да продолжите со работата. Можеби комуникацијата со колегите се сведува на теми поврзани со работата, понекогаш е убаво со нив да споделите и одредени ставови или размислувања за работи што немаат врска со она што го работите секојдневно

Вежбајте

Канцеларијата може да биде идеално место за вежбање, иако на прв поглед тоа ниту изгледа професионално или соодветно. Сепак, додека седите на вашето биро пробајте да направите неколку вежби прилагодени на просторот, за да се размрдате и да ја подобрите циркулацијата на крвта што ќе значи и подобра концентрација.

Фото: Pixabay