Ако некој ви го постави прашањето кој ви е омилен ден во неделата, голема е веројатноста тоа да биде било кој друг ден освен понеделник. Многумина чувствуваат најголем притисок токму во првиот работен ден по слободниот викенд. Но, едно секогаш треба да имате на ум, а тоа е дека понеделникот и не мора да биде толку лош, бидејќи сè зависи само од вас.
Наместо да фаќа меланхолија и да чувствувате притисок уште од рано утро, започнете го денот смирено и со позитивна мисла. Доколку понеделничкото утро носи голем стрес, тогаш поголем дел од работите подгответе ги претходно за да не мора да брзате. Ако имате деца, подгответе им ја облеката и ранецот (за во градинка или училиште) од претходно. Ужинката нека ви биде на дофат на рака и така ќе бидете сигурни дека ништо не сте заборавиле.
Кога ќе ве разбуди алармот, не го одложувајте станувањето, бидејќи така ќе може да се успиете, па дури и да задоцните за на работа.
Променете дел од рутината, за да почувствувате позитивна промена. Ако треба станете малку порано, истуширајте се, направете си утринско кафе, појадувајте, пуштете си музика… По пријатно почнатото утро, денот ќе биде порелаксиран и посмирен.
Штом утрото ви помине во брзање, тогаш ќе имате чувство дека нешто сте заборавиле и таа расеаност ќе ве следи во текот на целиот ден. Затоа, со малку организација ќе можете да уживате во подготовките за почетокот на новата работна недела.
Понекогаш ви е тешко поради помислата дека треба да одите на работа, па згора на тоа и кога ќе помислите на стресот и обврските што ве чекаат… Наместо да размислувате така, бидете благодарни што пред вас е уште еден ден којшто ќе ви даде можност да се справите со предизвиците, да бидете продуктивни, да направите нешто корисно, да го поминете денот со колегите, соработниците…
Ако сакате да имате доволно енергија во понеделник наутро, тогаш искористете го викендот за да се одморите, да уживате во работите што ве прават среќни. Така, нема да се чувствувате изморено или празно, туку ќе имате доволно елан и енергија за сè она што ќе го донесе денот.
Среќен ден и успешна работна недела!
Фото: Pexels