Како правилно се пишува ПР текст

1602

Што е ПР? Дали на ова прашање го знаеме вистинскиот одговор? Денес многу често се користи овој израз, но дали го знаеме неговото право значење. ПР е кратенка од Public Relation (во превод Односи со јавност). Неговата основна задача е во јавноста на соодветен начин да пласира информации до целната публика, со крајна цел поттикнување на продажба и зголемување на приходи.

Добро е да се знае дека односите со јавност се интегриран дел од маркетингот на компанијата, па треба да биде усогласен со стратегијата на компанијата што се насочува кон купувачите, медиумите, продажбата, промоцијата, рекламирањето…

Ако добиете задача да направите ПР текст, тогаш овие работи не смеете да ги изгубите од вид:

Читателот е центар на “светот“

Секогаш трудете се преку ПР текстот на читателот да му го привлечете вниманието со одбрани и добро смислени реченици, коишто ги содржат сите важни информации за објавата. Не смее да биде премногу долго, ниту пак само една или две реченици. Треба да ја најдете оптималната големина на содржината со којашто ќе го привлечете читателот, ќе го информирате, ќе му ги дадете потребните детали и ќе му ја “заскоткате“ љубопитноста.

Правопис

За да “скоцкате“ еден ПР текст не е доволно само да го знаете јазикот на којшто го пишувате. Треба добро да ја смислите содржината, но и да внимавате на правописни и печатни грешки. Би бло прмногу нептофесионално да го иазмачувате читатлот со грески. Затоа, обрнете внимание на должината на речениците, нивното значење, дали има смисла тоа што го пишува и секако не заборавајте да проверите дали сте “голтнале“ некоја буква.

Треба да знаете дека ПР текстовите што завршуваат на веб порталите во 99% од случаите се пуштаат интегрално, односно заедно со сите нелогичности и грешки. Затоа, ако сакате да оставите добар впечаток во јавноста, обрнете внимание на овој “мал“ детал.

Глаголи

Интернетот сака акција. Не сака реченици “накитени“ со многу непотребни зборови. Избегнувајте да заобиколувате, подобро е да бидете јасни и концизни во изразувањето.

Пишувајте во трето лице

Избегнувајте директно да им се претставувате на читателите, од типот: нашата компанија…, ние на вас ви нудиме…, вие сте за нас…

Детали ја прават сликата комплетна

Што значи ова? Секогаш наведувајте го целосното име на компанијата, електронската пошта, телефонот на лицето за контакт. Оставете простор да ве контактираат доколку имаат прашања или сакаат соработка. Добро смислениот текст оди во тандем и со добра фотографија. Затоа, бидете професионални до крај и испратете и соодветна илустрација или професионални фотографии од настанот што го организирате, наградната игра што ја претставувате или производот што го промовирате.

Фото: Pixabay