Како “се раѓа, расте и умира“ една компанија?

233

Фото: Pixabay

Секоја компанија, без оглед колкава е и со што се занимава, може да се поистовети со живите организми, бидејќи има свој животен циклус. Тоа е однапред утврдена траекторија по којашто ќе се движи компанијата во текот на својот животен век. Во текот на својот развој, компаниите имаат различен степен на флексибилност и самоконтрола врз процесите, а оптималното ниво на развој се постигнува кога се во таканаречена топ форма. За разлика од живите организми, компаниите можат многу подолго да останат во таа топ форма.

Животниот циклус на една компанија се состои од повеќе фази на раст и развој, кои може да бидат различни кај различни компании, но во суштина постојат слични допирни точки. Целата приказна започнува со идејата што ја има претприемачот. Тој е голем ентузијаст, сметајќи дека она што го смислил може да донесе одличен бенефит на долг рок. Потоа, следи фазата на експанзија, во којашто бизнисот почнува да се развива, да ја добива својата форма и препознатливост на пазарот. Штом има поголема посветеност на развојот на бизнисот, тој достигнува точка на професионализација, бидејќи веќе сите процеси во компанијата се точно утврдени, а вработените имаат појасна слика што работат. Следна е фазата на консолидација, во којашто се наметнува потребата од создавање на корпоративна култура што е клучен чекор за понатамошен успех на бизнисот.

По извесен период, на бизнисот му е неопходна диверзификација, што може да се спроведе преку: дополнителна дејност, додавање нов производ или услуга, продор на нов пазар, намалување на производните или продажните капацитети, зацврстување на пазарната позиција на компанијата и слично. Последната фаза е онаа во којашто компанијата се соочува со сериозни проблеми за одржување во живот. Доколку претприемачот и неговиот тим биле претпазливи во претходните фази, оваа фаза ќе значи ново издигнување или ревитализирање на компанијата.

Исто така, теоријата, но и праксата дефинираат фази низ коишто една компанија почнува од нула, се развива, достигнува зрелост и имаат надолна тенденција. Тие фази се познати како:

  • Додворување;
  • Новороденче;
  • Go – go;
  • Адолесценција;
  • Топ форма;

Овие фази значат раст на компанијата и тежнеење да се стигне до следната точка, а тоа е стабилност.

Кога ќе почне да бележи надолен тренд и да “старее“, тогаш компанијата ги поминува овие фази:

  • Аристократија
  • Рана бирократија
  • Бирократија
  • Смрт