Како, што и колку се тргуваше на берзата во јануари?

42

Прометот остварен на Македонска берза, во јануари оваа година, достигна 514.116.512 денари или 3,46% повеќе во однос на претходниот месец, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Пазарната капитализација во првиот месец од 2021 година се позиционираше на 188.297.376.022 денари, што е за 2,81% повеќе во споредба со декември минатата година. Пораст од 5,36% има кај вкупниот број трансакции (1.514), а индексот МБИ10 беше на ниво од 4.896,29 поени или 4,07% повеќе во однос на декември лани.

Во структурата на прометот најголем дел зафаќаат тргувањата на официјалниот пазар (76,22%), па блок трансакциите со 23,49% и на крајот тргување со акции што котираат на редовниот пазар (0,29%.

Акциите на Комерцијална банка се најтргувани во јануари со 574 трансакции или 44,04% учество во вкупниот промет. Меѓу петте најтргувани акции изминатиот месец се оние на: НЛБ Банка, Алкалоид, Макпетрол и Гранит.

Во јануари, најголем пораст на акциите бележат: Винарска визба Тиквеш од Кавадарци (11,09%), Макошпед (9,95%), Македонијатурист (7,99%), Гранит (7,98%) и Комерцијална банка (6,82%).

Од друга страна, најголем пад имаа акциите на: Карпош (-21,35%), Макстил (-6,86%). Хотели Метропол Охрид (-4%), ЗК Пелагонија (-2,97%) и Тетекс (-2,56%).

Фото: Freepik