Каков бренд сте вие?

23

brend

Фото: Pixabay

„Не ни требаше да видиме твоја биографија за да те вработиме, знаеме како ја заврши работата на проектот на кој соработувавме пред 4 години. Знаеме кои квалитети ги поседуваш и добивме одлични препораки“, ѝ рече менаџерот на нововработената.

Бев сведок на овој разговор и ми се потврди теоријата дека луѓето се поврзуваат со луѓе и дека нашите имиња се бренд кој треба да го градиме и постојано да вложуваме. Ние пред нашите клиенти, соработници и пријатели, не го претставуваме само брендот на нашата фирма, туку го застапуваме и својот личен бренд.

Еден од најдобрите начини за да ги артикулирате своите вештини, искуство, знаење, како и целокупната ваша вредност, е да создадете личен бренд кој ќе ви помогне да се издвоите од толпата.

„Ние сме извршни директори на нашите сопствени компании: ЈАС. Најважна работа е да бидете главни промотори на сопствениот бренд кој се нарекува ЈАС  – Том Питерс, експерт за менаџмент.

Според Public Relations Consultants Association (PRCA), во односите со јавноста, сè е поврзано со угледот. Тоа е резултат на она што го правите, што ќе кажете и она што го велат другите за вас. Односите со јавноста се користат за да се здобијат со доверба и со разбирање двете засегнати страни – без оглед дали е тоа индивидуа, организација, вработени, клиенти, инвеститори, локална заедница.

Односите со јавноста (ПР) е една од дисциплините за стратешка комуникација која ја користат компаниите, невладините организации, политичките партии, познати лица итн. Но, зошто да не ги користите односите со јавноста за себепромоција, за етаблирање на вашето име како личност, професионалец, филантроп, спортист… Сите ние носиме стереотипи кои се „залепени“ за нашите имиња и на тој начин луѓето нè знаат и нè препознаваат.

Во прилог се неколку аспекти коишто влијаат врз вашиот личен ПР:

  • Позитивна слика за вас – доколку вашите блиски, роднини, пријатели, колеги, соработници имаат позитивна слика за вас, вашето однесување и делување ќе ви биде полесно да функционирате на дневно ниво. На пример, ако колешката ви рече да го повикате колегата Марко на пауза со вас, а тој е позитивна личност и кажува досетки, значи може да научите нешто ново од него и секако дека ќе сакате да дојде со вас. Доколку, пак, колегата е негативна личност, затворен тип за комуникација, нема да ви биде пријатно во негова близина, вие ќе го одбегнувате. И ТИ си бренд, и ТОЈ е бренд. Само прашањето е „каков бренд“. Затоа, потрудете се поголемиот дел од денот да бидете насмеани, љубезни, културни, креативни, отворени за комуникација, продуктивни. Сите сакаат да се опкружени со насмеани и со среќни луѓе.
  • Отворена и постојана комуникација – бидете доследни на вашите зборови, ветувања, мисли и дискусии. Почитувајте ги мислењата на другите и бидете отворени кон различни ставови од вашите. Секогаш кога сте во можност испраќајте конкретни пораки јасни за разбирање. На овој начин ќе воспоставите одлични врски со други луѓе, ќе го зголемите својот кредибилитет и ќе создадете поволна слика за вас.
  • Одржување на добри контакти – луѓето кои се транспарентни и делат информации, знаење, искуство со другите, успеваат да го задржат позитивното чувството за себе кај другите. Не секогаш комуникацијата е позитивна и не секогаш сте на иста бранова должина со сите луѓе – тоа е невозможно. Потрудете се да ги решите конфликтите или недоразбирањата што ги имате со колегите, семејството, пријателите, бидејќи само така ќе ја преминете препреката и ќе продолжите со отворена комуникација. Убаво е кога имаш на кого да се потпреш за која било работа во животот, а добрите односи со луѓето ни го овозможуваат тоа. Тоа е таа мрежа на контакти која треба постојано да ја надградувате.

Личното брендирање во основа е продажба на вашата личност и карактер. Размислете добро, како се однесувате и како делувате.

Направете вистински бренд од своето име!

Со успех во промените.