Иако 2019 година на почетокот не делуваше бајковито за авиоиндустријата, годината не е завршена лошо во регионот. Да не се случеше банкротот на Adria Airways можеби ќе се окарактеризираше како многу добра.
Минатата година аеродромите во регионот оствариле 29,5 милиони патници (2,4 милиони повеќе од 2018 година).
Белград и понатаму е на супериорното прво место по број на патници, Загреб е втор, но Сплит и Дубровник рапидно го стигнуваат, пишува Tango Six.
Трите најдобри аеродроми имаат повеќе од три милиони патници. Според уделот на аеродромите во бројот на патници во регионот, и понатаму прв е Белград којшто има повеќе од една петтина од сите патници, т.е. 20,9 % удел, 0,1 процентен поен подобро од лани.
Бања Лука имаше најголем процентен пораст во 2019 година (неверојатни 314,5%), како резултат на проширувањето на Ryanair на овој аеродром, како и претходните скромни бројки. Охрид, исто така, имаше голем пораст.
Оваа година најмногу нови патници доби Белград, дури 517.895, па Дубровник 365.815, Приштина 207.949, Скопје 202.142 и Задар 197.308 патници.
Македонија оваа година ја прескокна Црна Гора
По земјите во регионот и понатаму најмногу патници има Хрватска со 11,6 милиони патници, што е скоро милион нови патници повеќе од 2018 година. Следува Србија со 6,6 милиони патници и Македонија со 2,7 милиони патници. Македонија оваа година ја прескокна Црна Гора којашто со години беше на третата позиција, а сега е на четврта.
Најмногу нови патници минатата година имала Хрватска, скоро милион, следи Србија со 588.568 нови патници и Македонија со 335.077 нови патници.
Белград со најголем број операции
Белград, исто така, имал најголем број операции во регионот во 2019 година, 70.365, што претставува зголемување од 4,3%. Следи Загреб со 45.061 операции, што претставува зголемување од 3,1%. Љубљана имаше 27.221 операции, зголемување од 6%, Дубровник имаше 25.962, зголемување од 10%, Скопје имаше 19.177 зголемување 5,4%, а Приштина имаше 18.226 операции пораст од 8,6 %.
Фото: Pexels