Какви мерки за спас на економијата донесоа овие држави

179

За да може економијата да преживее од последиците на коронавирусот, потребни се комплетно нови мерки за закрепнување. За оваа криза се вели дека е далеку полоша криза од онаа што го погоди светот во 2008 година. Пред 12 години беше финансиска криза, ова е посложена, подлабока и сложена драма која се заканува да уништи илјадници мали, средни и големи компании. Затоа, оваа криза не може да се реши со вообичаените алатки, туку со различни алатки и мерки.

Русија

Рускиот претседател најави дека цела оваа недела ќе биде неработна на цела територија. Покрај тоа, Русија на семејствата со деца ќе плати 5.000 рубли (56 евра) во текот на следните три месеци за секое дете до три години.

На невработените ќе им биде зголемен износот на социјална помош на 12.130 рубли (138 евра).

Рускиот претседател Владимир Путин, исто така, рече дека на сите граѓани чии приходи би паднале под 30% ќе добијат мораториум за исплати на кредити, пишува Telegraf.

Хрватска

Хрватското собрание го прифати владиниот пакет мерки во вредност од 3,9 милијарди евра за помош на економијата што е погодена од коронавирусот. Пакетот содржи 63 мерки чија главна цел ќе биде зачувување на работните места и исплата на плати. Со тие мерки ќе им се овозможи на претприемачите и граѓаните да го одложат плаќањето на јавните давачки, како што се даноци на доход и на добивка, како и придонеси.

Се очекува плаќањата да се одложат на три месеци, со продолжение на уште три месеци. Потоа ќе биде овозможена отплата на тие долгови на рати без камата во рок од 24 месеци.

Велика Британија

Владата на Велика Британија објави пакет од 330 милијарди фунти за гаранции за заеми и ги суспендираше локалните даноци за секторите малопродажба, угостителство и забава во наредните 12 месеци. Исто така, ќе покрие 80% од платите на работниците кои работодавачите ги пратиле дома, најмалку во наредните три месеци, до максимум 2.500 фунти месечно.

Покрај тоа, владата на Велика Британија вети дека на самовработените ќе им обезбеди грант од 80% од просечната месечна добивка, до 2.500 фунти месечно, во текот на следниот квартал.

Банката на Англија соопшти дека ќе ги зголеми откупот на државни и корпоративни обврзници во Велика Британија за 200 милијарди фунти.

Германија

Бундестагот изгласа пакет – мерки вредни речиси 1.100 милијарди евра за одбрана на економијата од ударот на пандемијата на коронавирусот. Мерките опфаќаат помош и кредити за фирмите и фондови за здравството. Со новите мерки, владата планира да создаде економски стабилизациски фонд со којшто ќе понуди гаранции во вредност од 400 милијарди евра за долговите на компаниите, 100 милијарди евра како гаранции за заеми или за купување акции во фирми и уште 100 милијарди евра за поддршка на државната инвестициска банка – КФВ. Со дополнителните средства, КФВ сега ќе има на располагање 822 милијарди евра за заеми.

Италија

Италија со 25 милијарди евра ќе им помогне на работниците и ќе го поддржи здравствениот систем на земјата. Ќе даде и државна поддршка за компаниите кои не отпуштаат работници.

Шпанија

Шпанија најави 200 милијарди евра, од кои 100 милијарди евра ќе даде за државни заеми кои ќе обезбедат ликвидност на мали и средни компании. Најавен е и мораториум на плаќање на кредити и комунални сметки за луѓе кои останале без работа.

Фото: Pixabay