Македонската компанија Брако постигна договор за соработка со меѓународната компанија Green Machine со што започна да произведува возила за чистење на градски улици. Добивајќи ја лиценцата за отпочнување на производството, Брако ќе произведе 200 возила во првата година кои ќе бидат пласирани во градови низ САД, Велика Британија, Германија, Франција, Белгија, Данска, Романија, Турција и Кина.
Возила коишто први ја напуштија производната линија на велешката компанија Брако се моделите GM5 и GM6, коишто располагаат со висок капацитети и моќност за чистење на повеќе од 70.000 метри квадрати во еден час. Тие работат на вакумски принцип за собирање на отпадот кој е составен од ротирачки метли кои ја насочуваат нечистотијата кон централниот вакуумски дел од машината. Комплетното прибирање на правот се постигнува преку системот за собирање и притисокот кој се создава внатре, во контејнерот, кој е генериран од турбината за вшмукување. Чистењето се постигнува со максимална ефикасност, а многуте филтри во возилата овозможуваат воздухот неколку пати да биде исчистен пред да биде вратен во атмосферата.
Моделот GM6 е придвижен од високоефикасен дизелски мотор, кој остварува минимална емисија на CO2. За посебно истакнување е моделот GM5, кој работи потполно на електричен погон и располага со батерии кој овозможуваат долготрајна работа без непотребни прекини. Технологијата и начинот на работа на ова возило се покажува како исклучително пријатно за еколошката средина поради тоа што не врши никаква емисија на штетни честички и гасови. Двете возила располагаат со контејнери со голем капацитет и големина од 1,2 метри кубни.
Водејќи се според јасната визија на компанијата за успех и развој, која се однесува на воспоставување на свое присуство во пазарните сегменти содржани од нови современи технолошки трендови, компанијата постигна лидерска позиција во Македонија и регионот. За достигнувањата и трендот на развој говори последната инвестиција од 4,5 милиони евра во нова хала опремена со современи и софистицирани компјутерско-водени машини.
Исто така, Брако континуирано вложува во обучување и дообучување на своите вработени, како би се осигурало производството на висококвалитетен производ. Во моментот во Брако работат повеќе од 800 вработени на работни позиции кои претставуваат аспирација на сите инженери кои излегуваат од велешките училишта и ширум републиката, со што директно се придонесува на економски развој на регионот и вработување на млад кадар.