Карлос Слим сака да го купи останатиот дел од Telecom Austria

22

karlos slim

Мексиканската компанија America Movil на светскиот милијардер Карлос Слим, достави понуда за купување на 45% од Telecom Austria. Овој процент од Telecom Austria не му припаѓа нему или на неговиот партнер, австриската владина компанија OIAG.

Oваа понуда доаѓа три недели откако мексиканскиот гигант постигна договор со една милијарда евра да го докапитализира Telecom Austria, со што ќе се изедначи со уделот на австрискиот државен холдинг OIAG. На овој начин America Movil доби оперативна контрола врз австрискиот телеком, кој има 20 милиони корисници ширум Австрија, Белорусија, Бугарија, Хрватска, Србија, Македонија, Лихтенштајн и Словенија.

Извршниот директор на America Movil, Даниел Хаџ, истакна дека оваа трансакција ќе значи “подобра позиција на Telecom Austria како порелевантен играч на европскиот телекомуникациски пазар“.

На почетокот на оваа година, America Movil презеде една четвртина од уделот на австрискиот телекомуникациски монопол, што ја отвори вратата за преземање.

По неуспешниот обид да ја зајакне својата позиција во Европа со преземање на холандскиот оператор KPN минатата година, America Movil ја даде понудата на Telecom Austria, а истата ќе има важност од осум недели, пренесува АФП.

Во октомври минатата година, Слим беше принуден да се откаже од преземањето на KPN, вредно неколку милијарди евра. KPN е еден од најголемите фиксни оператори во Холандија и трет по големина во Германија и Белгија.