Катастарот со нова апликација за банките, извршителите и компаниите

31

katastar-580x266

Банките, извршителите и компаниите отсега ќе може да ја користат апликацијата watch dog што ја воведе Агенцијата за катастар на недвижности со која во секој момент ќе имаат увид во состојбата на имотот за којшто се заинтересирани, пишува Миа.

За да се користи оваа услуга потребно е сите заинтересирани професионални клиенти да се претплатат на сервисот со што ќе им биде овозможено следење на сите поднесени барања и промени на имотниот лист.

“Со апликацијата watch dog, извршителот од првиот момент кога би почнал една постапка ќе може да ги следи сите промени. Од една страна ова ќе оневозможи какви било манипулации со недвижноста, а од друга страна ќе се избегнат и одредени трошоци кои би настанале во постапката на извршување доколку навреме не би имале точна информација за тој имот“, нагласи Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители.

Новата електронска услуга на Катастарот е направена по барање на банките и на извршителите.

“Се работи за апликација која е директно барање од банките и од извршителите и која ќе ја зголеми правната сигурност на имотот за кој доверителите се должни да се грижат во смисла на обезбедување. Се работи за апликација со која било дали е банка, извршител или доверител, ќе може преку електронскиот шалтер да се најави и да го лоцира имотот за кој има правен интерес“, рече директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Покрај оваа услуга, Катастарот ги има воведено и Дистрибутивниот геопортал и Регистарот на цени и закупнини кои исто така претставуваат придобивки за компаниите.

Досега, од Агенцијата за катастар на недвижности онлајн преку интернет се преземени над 550 имотни листови, како и други податоци што им се на располагање на граѓаните и на бизнис секторот.