Ќе им плаќаме ли на банките да ни ги чуваат заштедите?

128

Ако вашата заштеда не ви е безбедна “под перница“, тогаш нејзиното место најверојатно е на сметка во банка. Вообичаено за тоа што на банката ѝ ставате на располагање пари, таа ќе ви плати одреден процент камата. Но, не само во теорија, туку и во пракса постои можност, наместо камата, банката да ви наплати одредена провизија и тоа во форма на негативна каматна стапка.

Исто како што компаниите и домаќинствата чуваат пари кај комерцијалните банки, исто така и банките чуваат пари кај централната банка на земјата. Тие пари се во форма на резерва, едниот дел е задолжителен и со закон одреден износ, додека другиот дел се вишоци на банките.

Па така, банките во Европа ќе мора да плаќаат казнена камата доколку одлучат да депонираат пари во Европската централна банка, наместо да ги пласираат во реалниот сектор и на потрошувачите во вид на кредити. Од таа причина, ЕЦБ пред неколку години донесе одлука на депозитите да им наметне негативна камата.

Пример за тоа е една германска банка којашто во 2019 година на своите приватни клиенти почна да им наплаќа негативна камата, односно штедачите си плаќаат надомест за секое евро што го чуваат на банкарска сметка. Европската централна банка со години води политика на ниски камати, за да поттикне инвестиции. Затоа, банките добиваат евтини пари што можат да им ги позајмат на клиентите со ниска камата. Доколку не одобрат такви кредити и ги чуваат парите во ЕЦБ, од 2014 година мора да плаќаат негативна камата.

Ваквиот тренд, што е на сила во еврозоната, пред околу една недела, пристигна во Хрватска.

“Негативните камати на пари што некој ги има депонирано во банка пристигнаа и во Хрватска, засега банките ги нарекуваат надомест за чување пари на сметка, ги наплаќаат или почнуваат да ги наплаќаат исклучиво на правни лица и тоа само на сметки и депозити во евра“, велат од Хрватската централна банка.

Дали ваквата пракса може да се очекува и кај банките во Македонија, одговор побаравме од Народна банка. За разлика од Европската централна банка, чијашто основна каматна стапка е негативна, кај нас, основната каматна стапка на Народната банка, односно каматната стапка на благајничките записи, е позитивна, велат за Бизнис Инфо од нашата централна банка.

“Од 2016 година наваму, Народната банка континуирано ја релаксира монетарната политика, а тековно, основната каматна стапка изнесува 1,25%. Впрочем во нашиот монетарен инструментариум ние воопшто немаме инструменти во домашна валута со негативни каматни стапки. Имајќи го предвид и режимот на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, секогаш имаме одредена маргина над каматата на ЕЦБ, како премија за ризик, што е вообичаено однесување на сите земји со ваква монетарна стратегија“, велат од Народна банка за Бизнис Инфо.

Дополнително, напоменуваат од Народна банка, дека во повеќе земји во Европската Унија, во овој период, примената на негативните каматни стапки на депозитите, особено од домаќинствата, е мала. Истовремено и во земјите во коишто банките имаат негативни каматни стапки, тоа не се однесува на сите депозити, туку само на одредени категории депозити, главно од нефинансиски правни лица и тоа на повисоки износи на депозити (во рамките на еврозоната, ова првенствено се однесува на Германија, Луксембург и Холандија).

“Во однос на банките во нашата земја, каматните стапки и на кредитите и на депозитите, подолг временски период имаат тренд на намалување, следејќи ги монетарните сигнали, структурните поместувања во банкарскиот систем и растечката конкуренција“, велат од Народна банка.

Со оглед на тоа што основната каматна стапка на централната банка е далеку од нулата, а воедно традиционално депозитите кај нас претставуваат основен извор на финансирање на активностите на банките, негативните каматни стапки засега од Народна банка не ги согледуваат како можна поставеност кај нас.

Фото: Pixabay