Ќе има ли одлагање на ратите за кредитите

193

На крајот од септември завршува одложувањето на плаќањето на рати за кредит.

Дел од економистите не веруваат дека граѓаните се спремни и советуваат нови шест месеци пролонгирање. Што ќе се случува со кредитите кои сега не се плаќаат и се ставени на “стенд бај“ до октомври сè уште не се знае.

Луѓето сè уште не се спремни да продолжат да ги отплаќаат кредитите бидејќи сè уште се финансиски неспособни од ковид-кризата коментираат граѓаните.

Дури 70 % од граѓаните кои имаат кредити во банките во март решија плаќањето да го одложат за шест месеци.

Народна банка размислува повторно да ги одложи ратите за кредитите за граѓаните, јавува 24 Вести. Според информациите, се прават анализи на состојбата со пандемијата од Ковид 19 и како таа економски ги погоди граѓаните, но и компаниите.

Конечната одлука се очекува да ја донесе Народната банка следната недела, откако деновиве ќе се консултираат и деловните банки. Мораториумот истекува на први октомври, што значи дека доколку не се продолжи оваа мерка, граѓаните кои ги одложија плаќањата на кредитите ќе почнат повторно да ги плаќаат.

“Подготвени сме соодветно да ги приспособуваме политиките и навремено да реагираме во согласност со нашите надлежности. Во тек се анализи, врз основа на кои наскоро ќе се заземе став по однос на ова прашање, водејќи сметка и за потребите на граѓаните и за стабилноста на банкарскиот систем“, е ставот на НБМ.

И од Банкарската асоцијација велат дека се подготвени да излезат во пресрет на граѓаните доколку е потребно иако засега нема одлука за ново пролонгирање.

“Членките на Македонска банкарска асоцијација ја разгледуваат потребата и можностa за понатамошна помош на населението и стопанството, но во овој момент сè уште не е заземен конечен став. Македонската банкарска асоцијација е целосно посветена на изнаоѓање на решенија за надминување на проблемите предизвикани од оваа криза“.