Ќе се гради нов автопат од Гостивар до Тетово

188

Оваа година започнува постапка за изработка на физибилити студија за изградба на нов автопат од Гостивар до Тетово, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешната работна посета во општина Тетово.

Тој, заедно со заменик министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи остварија средба со градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи, а на средбата се разговараше за инфраструктурни проекти во општината и регионот.

На средбата, покрај другите проекти што се реализираат во општина Тетово,  министерот Бочварски потенцираше дека во програмата на ЈП за државни патишта за оваа година предвиденио е изработка на студија за изградба на нов автопат од Гостивар кон Тетово.

“Бидејќи има голем број на постоечки инфраструктурни објекти на сегашната траса на патот, предвидено е тие да бидат реконструирани. Едната варијанта која се разгледува е постоечката траса да се користи од Тетово до Гостивар, а од Гостивар до Тетово да се изгради нов пат така да ќе добиеме ново модерно решение. Предвидено е оваа година да се започне со постапка за изработка на физибилити студија и некаде следната година очекувам да започне пробивање на новата траса”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот Бочварски најави и реконструкција на две локални улици во општина Тетово.

“Во првиот тендер од Светска банка што веќе е завршен, општина Тетово аплицираше за реконструкција на две улици и тоа Гоце Делчев и Гоце Стојчевски. Договорот е потпишан со изведувачот, во овие неколку недели ќе се прават подготвителни работи и многу брзо ќе почнат со реализација. Вредноста е 22 милиони денари за двете улици”, изјави министерот Бочварски.

Оваа година во програмата на ЈП за државни патишта, продолжуваме со рехабилитација на патниот правец Тетово – Џепчиште, додаде министерот.

За општина Тетово, овие проекти се од огромно значење заради локалниот економски развој на општината.

Фото: Freepik