Ќе се вратат ли хрватските инвеститори на македонскиот пазар на капитал?

77

Врз основа на најновото поднесено барање за стекнување поголем удел, може да се заклучи дека Загрепска берза како наш акционер е задоволна од организацијата, функционирањето и потенцијалот на Македонска берза, вели претседателот на Управата на берзата, Иван Штериев, за Пословни дневник.

“Доколку тоа се реализира, логично е да се очекува дека во иднина постоечките заеднички активности дополнително ќе се интензивираат, но и ќе бидат започнати нови проекти. Од наша перспектива, една од позитивните последици на ова поврзување би требало да биде и враќање на хрватските инвеститори на македонскиот пазар, како што беше пред големата светска финансиска криза кога тие, заедно со словенечките инвеститори, беа едни од главните играчи на македонскиот пазар“, нагласува Штериев.

Колкав е потенцијалот на македонскиот пазар доволно говорат податоците од минатата година. Вкупниот промет на берзата лани изнесуваше 132,8 милиони евра, што е за 6% повеќе одошто во 2019 година. Најважниот статистички показател – прометот на акциите без блок трансакции во рамки на BEST системот изнесуваше над 92 милиони евра, што е 48% повеќе на годишно ниво. Но, како што потенцира Пословни дневник, поважно е да се истакне тоа што е најголем промет во последните 10 години.

Индексот МБИ 10 минатата година заврши со благ раст од 1,2%, што е одличен резултат со оглед на падот на пазарите во окружувањето. Што се однесува до оваа година, заклучно 18-ти март, прометот изнесуваше 41 милион евра и е за 0,9% повеќе на годишно ниво.

“Постои јасен тренд во однос на тргување на македонските граѓани, што е последица на добрите резултати на главните котирани компании, политиките на дивиденда што ја водат најликвидните компании на пазарот, неоданочување на капиталната добивка, како и ефектот што го има континуираното намалување на каматните стапки што акциите ги прави уште попривлечни“, смета Штериев.

Фото: Pexels