Ќе се засилат заедничките вложувања во економските истражувања и во унапредување на знаењата и вештините на идните економисти, како и на оние коишто ќе ја продолжат својата едукација со втор или трет циклус студии од областа на економијата.
Со ова ќе се оствари заеднички влог во натамошно јакнење на економијата – од една страна имајќи го предвид клучното значење на економските истражувања за водењето на политиките, а од друга страна, влогот во квалификуваниот кадар којшто понатаму ќе може да се вложи во економските текови и во институционалните капацитети.
Ова се дел од констатациите од состанокот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите на Народната банка со деканот на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, проф. д-р Предраг Трпески и продеканот, проф. д-р Мијалче Санта.
На состанокот, меѓу другото, се разговараше за економските прашања за коишто во претстојниот период ќе се спроведуваат заеднички истражувања на истражувачи од двете институции, од што би произлегле и публикувани истражувачки трудови, коишто не само што ќе бидат фокусирани на натамошно анализирање на македонската економија, туку ќе придонесат и за унапредување на условите за носење на одлуките од носителите на политиките во економската сфера.
Одделно се разговараше и за предизвиците околу натамошното унапредување на наставните програми на Економскиот факултет, со цел студентите уште подобро да бидат упатени во меѓународните трендови и поподготвени за практичните аспекти коишто се клучни по завршувањето на студиите, вклучително и во однос на истражувачката активност. Со тоа ќе се оствари влог и за унапредување на состојбите на пазарот на трудот, што е во интерес на економијата во целина.
На состанокот беше посочено дека е предвидено подготовката на новите наставни програми на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ да се одвива како инклузивен процес и беше договорено дека во активностите, со своите експертски видувања, ќе се вклучи и Народната банка. Како што беше кажано, на среден и долг рок, ова е вложување и во институционалниот капацитет на Народната банка, имајќи ја предвид практиката на отворени врати за најдобрите студенти на економските факултети, што е настојување на централните банки и во развиените земји.
На состанокот, деканот Трпески ѝ ја врачи плакетата доделена на Народната банка по повод 70 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, а за особен придонес во развојот на Факултетот, на гувернерката Ангеловска-Бежоска.