КХВ даде согласност за задолжителната котација на Берзата

13

getImageThumbnailКомисијата за хартии од вредност на Република Македонија издаде согласност на Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје.

Преку нив се воведуваат уште два подсегменти на Официјалниот пазар и тоа Задолжителна котација и Котација на мали акционерски друштва.

КХВ ја даде оваа согласност на седницата со која претседаваше претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија Елизабета Чингаровска.

Целта на воведувањето на уште два подсегменти на Официјалниот пазар е преку зголемена транспарентност на долг рок да се стимулира поголема понуда на нови хартии од вредност, а се во насока да се раздвижи пазарот на хартии од вредност, да се обезбеди поголема атрактивност за потенцијалните инвеститори, како и да се постигне поголема ликвидност.

Како критериуми за котирање на подсегментот Задолжителна котација се предвидени ревидирани финансиски извештаи за последните две години, номинален капитал во износ од 1.000.000 евра, најмалку 1% распространетост на родот на акциите во јавноста и најмалку 50 акционери.  Акционерските друштва кои ги исполнуваат овие услови, задолжително ќе котираат  во период  од пет  години.

“Со оваа економска реформа расте бројот на компании што ќе котираат на Македонската берза АД Скопје, со што се зголемува транспарентноста за нивното работење и може да се очекува да се прошири изборот на потенцијални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност за инвестирање, што во минатото, а особено во услови на динамизирање на пазарите на капитал, се покажа како вистински чекор”, се наведува во соопштението од КХВ.

За подсегментот Котација на мали акционерски друштва, како критериум се предвидени ревидирани финансиски извештаи за последната година и најмалку 250.000 евра капитал. Овој подсегмент постои во речиси сите развиени пазари на капитал, со цел да им се даде можност на малите друштва да се претстават на пазарот на хартии од вредност.

Со ова потенцијалните инвеститори ќе можат да се запознаат со перформансите на малите акционерски друштва, а тие пак да добијат шанса за собирање на свежи парични средства преку издавање акции.