КХВ со препораки до овластените учесници на пазарот на хартии од вредност

67

Врз основа на постојаната комуникација со надлежните државни органи и во насока на превентивно дејствување, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) ги презема сите потребни мерки и активности за обезбедување на заштита на здравјето на граѓаните, обезбедување на континуитет на своите деловни процеси и постојана комуникација со овластените пазарни учесници и целокупната јавност, стои во соопштението.

Во таа насока, Комисијата за хартии од вредност внимателно ја следи состојбата со оглед на постојаното влијание на појавата на новата вирусна инфекција COVID-19 на пазарот на хартии од вредност и ги дава следниве препораки до овластените учесници на пазарот:

Сите овластени учесници на пазарот, вклучително и Берзата и Депозитарот, да бидат подготвени да ги применат своите планови за континуитет на работењето во согласност со регулаторните обврски овозможувајќи функционирање на клучните процеси, а истовремено да им се овозможи на вработените работа од дома.

Начинот на прием на налози за тргување е уреден со договор помеѓу брокерската куќа/дирекција за работа со хартии од вредност и клиентот. Генерално, доколку технички – технолошки и инфраструктурно е возможно треба да се промовираат електронските налози, како и давање налог по писмен пат.

Обврски за транспарентност – Издавачите треба да ги обелоденат што е можно поскоро сите релевантни информации во врска со влијанието на COVID-19 врз нивното работење во квалитативна и кванитативна смисла согласно со нивните обврски за транспарентност. Ефектите од оваа ситуација зависат од многу фактори кои не се под контрола на издавачите, меѓутоа, прашањето како издавачите планираат да се справат и да одговорат на оваа неизвесност, може да биде значајна информација за одлуката за инвестирање.

Акционерските друштва – да го модифицираат вообичаеното планирање за одржување на годишнитe собранија на акционери со оглед на мерките за спречување на ширењето на COVID-19. Во случај на веќе закажани собранија, доколку технички е возможно, да се разгледа опцијата за виртуелно одржување на собрание или пак учество по пат на писмена кореспонденција. Ако одржувањето на собранијата со „физичко“ присуство е неизбежна солуција  да се превземат мерки за да се ограничи ризикот за присутните, односно да се консолидираат присуството и гласањето на собранието со што е можно помалку луѓе (имајќи ги во предвид релевантните кворуми за седница и одлучување ) преку полномоштва.

Инвеститорите на берзата, како и инвеститорите во инвестицските фондови, своите инвестициски одлуки препорачуваме да ги носат рационално и базирано на релевантни и проверени информации (од финансиска, но и од нефинансиска природа) кои се објавени преку релевантни и проверени канали, во спротивно би дошло до ирационално однесување a со тоа да се мултиплицираат негативните ефекти на моменталната состојба. Комисијата постојано упатува на тоа дека инвестициите на пазарите на хартии од вредност треба да се анализираат на долг рок и како такви треба да се третираат при носењето на инвестициските одлуки.

КХВ со сиот свој капацитет им стои на располагање на овластените учесници на пазарот и на инвеститорите, на кои истовремено им препорачуваме сите прашања и дописи кои се однесуваат на теми поврзани со надлежностите на Комисијата, да ги доставуваат по електронски пат или по пошта, а доколку и двете опции не им одговараат тоа да го сторат во нашата архива која работи секој ден од 9 до 12 часот.

Стручната служба на КХВ и телефонските броеви остануваат активни и достапни на сите овластени учесници на пазарот на капитал и целокупната јавност во редовното работно време од 7:30 до 16:30 часот секој работен ден.

Фото: Pexels