КХВ: Во декември донесе две решенија за емисија на корпоративни обврзници и обични акции

40

Комисијата за хартии од вредност (КХВ), во декември минатата година, донесе две решенија со коишто одобри една емисија на корпоративни обврзници по пат на јавна понуда и една емисија на обични акции по пат на приватна понуда.

Првото е решение со коешто на ТТК Банка АД Скопје ѝ даде одобрение да ја издаде втората емисија на корпоративни обврзници по пат на јавна понуда. Се работи за 1.500 корпоративни обврзници со вкупна номинална вредност од 1.500.000 евра и со каматна стапка од 2,7%. Корпоративните обврзници коишто ќе ги издава ТТК Банка АД Скопје се долгорочни должнички хартии од вредност како капитален инструмент, со каматен принос (купонски), неограничено преносливи, во нематеријализиран облик и гласат на име. Обврзниците се нудат на Македонската берза по моделот фиксна цена со давање приоритет на налози со порано време на внес на налогот, па според тоа нивната поединечна продажна цена изнесува 1.000 евра во денарска противвредност. Корпоративните обврзници се субординирани и ќе бидат исплатени по намирување на обврските кон останатите депоненти и доверители на банката. Процентот за успешност на јавната понуда е над 60% од вкупната емисија.

Второ е решението со коешто на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје му се дава одобрение за издавање на четвртата емисија од 287.982 обични акции по пат на приватна понуда. Вкупната вредност на емисијата е 287.982.000 денари. Акциите се наменети за единствениот акционер на друштвото – Влада на РСМ по основ на распределба на остварената добивка за 2017 и 2018 година, во вид на дивиденда по акција.

Фото: Pexels