Дури и најнеобичните идеи можат да добијат поддршка од заинтересирани поддржувачи и инвеститори од целиот свет, а доказ за тоа е глобалната платформа за групно финансирање Kickstarter.
Од Kickstarter информираа дека досега преку нивната платформа се собрани две милијарди долари за поддршка на најразлични проекти.
За да се собере првата милијарда долари инвестиции беа потребни четири години и 10 месеци, но за втората милијарда долари беа доволни само една година и седум месеци. Вкупно 9,5 милиони поддржувачи успеаја да ја создадат втората милијарда на оваа платформа за групно финансирање.
Според статистиките на Kickstarter, во време кога се собираше првата милијарда долари, поддржувачите донираа 391 долари во минута. За втората милијарда, таа динамика е поголема бидејќи во една минута просечно се инвестирале 1.182 долари.
Еден поддржувач најчесто го поддржувал својот омилен проект со 100 или помалку долари. Она што е интересно е дека над 100 милиони долари се собрани без да им биде дадено нешто за возврат на инвеститорите.
Околу една третина од инвеститорите дале поддршка на повеќе проекти во исто време. Статистиката на Kickstarter покажува дека поддршка на проектите на нивните клиенти пристигнува од 230 земји во светот од сите континенти.
За период од една година и седум месеци, на Kickstarter се објавени над 260.000 проекти, најголемиот дел од нив припаѓаат во категоријата филм и видео (50.852), по нив следат проектите поврзани со музика, игри, уметност, технологија, дизајн…
Во секоја од категориите на Kickstarter поддржувачите инвестирале најмалку пет милиони долари. Категоријата игри е “најтешка“ бидејќи во истата се инвестирани над 412 милиони долари. Зад игрите се проектите поврзани со технологија во коишто инвеститорите вложија над 360 милиони долари.
“Со две милијарди долари, членовите на Kickstarter успешно формираа 93.555 креативни проекти од целиот свет“, се вели на страницата на Kicktarter посветена на втората милијарда долари.