Кина го зголеми увозот на опрема за производство на чипови

Кинескиот увоз на опрема за производство на чипови се зголеми на рекордно високо ниво пред извозните ограничувања објавени од Соединетите држави и нивните сојузници. Податоците на кинеската царина покажуваат дека увозот на алати за производство на полупроводници во јуни и јули изнесувал околу пет милијарди долари, што е за 70 отсто повеќе од истиот период лани.

Најголем дел од увезената стока доаѓа од Холандија и Јапонија, две земји кои подготвија ограничувања за извозот на опрема за производство на чипови додека работат заедно со САД за да го забават технолошкиот напредок на Кина, пишува Financial Times.

Ограничувањата значат дека купувачите на некои алатки ќе мора да аплицираат за лиценци од холандската и јапонската влада, што предизвикува загриженост кај кинеските производители на чипови. Јапонија почна да ги применува своите ограничувања на 23 јули, додека холандските мерки ќе стапат на сила на 1 септември.

Иако не е јасно колкав дел од зголемувањето на увозот се однесува на алатките што ќе бидат покриени со ограничувањата, набавките сугерираат дека Кина сака да избегне какво било нарушување на нејзините планови за проширување на производството на чипови. Со увезена опрема, кинеските компании се обидуваат да произведат помалку модерни чипови кои не се опфатени со ограничувањата.