Кина ќе ѝ стави крај на ерата на нафтата

80

Наглиот премин на електрични возила, чиј предводник е Кина, ќе го намали глобалниот раст на побарувачката за нафта за 70% до 2030 година и ќе стави “крај“ на ерата на нафтата, покажува истражувањето на консултантската куќа Carbon Tracker.

За 10 години, Кина би можела да заштеди повеќе од 80 милијарди долари за увоз на нафта на годишно ниво, благодарение на возилата со нови извори на енергија, пренесува Ројтерс.

Пресметката е направена согласно “конзервативното“ сценарио на Меѓународната агенција за енергија, коешто предвидува дека електричните возила до 2030 година ќе бидат 40% од вкупната продажба на возила во Кина, а 20% во Индија и на другите пазари во развој.

Трошокот за увоз на нафта потребна за производство на гориво за просечен автомобил е 10 пати поголем од набавката на соларна опрема што е потребна за производство на струја за погон на електрични возила.

Овие возила играат клучна улога во настојувањето на Кина да ја намали емисијата на штетни гасови што влијаат на климатските промени и да го подобри квалитетот на воздухот во големите градови. Индија, исто така, поставува амбициозни цели за продажба на таков вид на возила до 2030 година.

Фото: Pexels