Кинеската економија годинава со раст од 7,9%

Кина во 2021 година ќе биде главен поттикнувач на светската економија, со раст на економската активност за 7,9%, проценува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Тоа е нешто послаба прогноза од онаа којашто ММФ ја објави во редовниот есенски извештај во октомври, предвидувајќи дека втората најголема економија во светот во 2021 година ќе порасне за 8,2%.

ММФ сепак проценува дека забрзувањето ќе биде изразено во Кина одошто во останатите економии што се погодени со коронавирусот.

“Кинеската економија и понатаму брзо закрепнува од пандемијата, потпомогнато од силните настојувања да се сузбие кризата и со итни политички мерки за ублажување на последиците“, се наведува во извештајот на ММФ.

Фондот проценува дека кинескиот бруто домашен производ минатата година порасна за 1,9%, што би значело дека Кина е единствената економија што не забележа пад во годината што ја одбележа пандемијата.

Фото: Freepik