Кипар ќе им влегува во трага на сопствениците на илјадници компании

11

Кипар планира да воспостави регистар на сопственици на илјадници компании и со тоа да ги расветли нетранспарентните и сложени корпоративни структура што стојат зад фирмите, поради што земјата е на лош глас, пренесува Index.hr.

Информации за илјадници компании регистрирани на медитеранскиот остров ќе почнат да се собираат од 16-ти март за да може да се впишат во новиот регистар.

Воспоставувањето регистар е наложена обврска од Европската унија, а има за цел да спречи перење пари. Кипар според некои тврдења привлекува бизнисмени кои сакаат преку фирми – паравани да го прекријат своето богатство, привлечени од ниските даночни стапки.

“На компаниите ќе им дадеме рок од шест месеци да ги соберат сите информации заради внесување во новиот систем“, вели Антониа Фаита Ставриде од министерството за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, која е координатор на проектот.

Активистите за борба против корупцијата сметаат дека тоа не е доволно.

Кипар веќе долго време се обидува да се ослободи од имиџот на земја чија влада прима пари од инвеститори без никакви услови.

Кипар ја укинува програмата за доделување државјанство коешто овозможува влез во Европска унија без визи на оние кои ќе инвестираат најмалку два милиони евра во таа земја. Меѓу оние кои ги добиле таканаречените “златни“ пасоши биле бројни руски олигарси кои се дел од политички структури и мафијашки кругови.

Оваа островска земја преку “златните“ пасоши до крајот на 2018-та година заработи 4,8 милијарди евра, а од 2008-ма година државјанство добиле 1.685 “странски инвеститори“ и 1.651 член на нивните семејства.

На крајот на септември лани, ревизорска куќа од Кипар соопшти дека постои можност илјадници пасоши да се издадени без дозвола според државната шема “државјанство за инвестиции“. Критичарите велат дека програмата ја користат странци за криминал и перење пари.

Фото: Pexels