Ќе поевтинат ли становите? Што велат градежните експерти за 2026 година

Цените на становите нема да растат, но нема ниту да се намалат. Градежните експерти сметаат дека во 2026 година ќе има стагнација на цените на станбениот квадрат, бидејќи интересот за купување на станови се намалува. Тоа може да се заклучи од фактот што голем дел од фирмите кои вршат продажба имаат останато непродадени станови. Ако порано голем дел од становите се продаваа уште во градба, сега и по завршување на градбата на одредена станбена единица има по неколку непродадени станови.

Градежниот експерт, Никола Велковски вели дека и покрај тоа што интересот за купување на станови е намален, цените на становите не се намалуваат.

-Нема навалица за купување на нови станови, но цените ниту на новите, ниту на старите станови не се намалуваат. Оваа година се очекува овој тренд да продолжи, бидејќи е намален бројот на квалитетни локации за градба, а сопствениците на парцелите за градба ги зголемија условите. Така на пример ако порано бараа 30 отсто, сега бараат 40 отсто од изградениот простор. Овие градители не се градежни фирми, туку еднократни инвеститори кои само градат станови и ги продаваат. За разлика од нив, градежните фирми не се фокусирани исклучиво на градба и продажба на станови и не ги прифаќаат условите кои ги диктираат сопствениците на земјиштето, изјави за „Локално“, Велковски.

Од агенциите за недвижности  велат дека во 2026 година цените ќе продолжат да растат, но на малите станови кои сè  уште се многу атрактиви и кои многу брзо се продаваат. Од друга страна, пак сметаат дека ќе има стагнација на цените на квадратот на големите станови кои потешко се продаваат.

Целиот текст на Локално.мк