Ќе се реконструира пругата Скопје – Кичево, во план е и набавка на нови и репарација на постоечки локомотиви

Реконструкцијата на железничката линија Скопје-Јегунове-Тетово-Гостивар–Кичево ќе започне наскоро. Вицепремиерот Александар Николоски во интервју за ТВ Сител изјави дека за две години ќе биде избран изведувач, а за две до две и пол години потоа, пругата ќе биде целосно реконструирана.

“Добивме грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција.”

Според Николоски, процесот започнува во септември и според сите европски правила трае 18 месеци, што значи дека студиите ќе бидат готови за 18 месеци, по што ќе бидат објавени тендерите. Тој додаде дека по реконструкцијата, ќе се разгледа можноста за електрификација и воведување на современи системи за сообраќај кои ќе овозможат брзина до 120 километри на час.

Во врска со набавката на нови патнички возови, Николоски најави и набавка на две нови локомотиви и репарација на 11 постоечки.

“Владата донесе одлука за соработка меѓу МЖ Транспорт и ЕБРД со цел репарација на 11 постојани локомотиви, дел електрични, дел дизел и сите се за карго транспорт како и набавка на 2 нови локомотиви и со една флота од 13 локомотиви товарниот сообраќај го решаваме.”

Вицепремиерот исто така нагласи: “Кога ќе стигнеме некаде пред две години пред завршување на пругите ќе започнеме и набавка на нови возови затоа што отприлика набавката трае шест месеци и добавувачеите бараат отприлка година дена да ги достават возовите и треба одреден период да се обучи кадар за новите возови.”