Кои се добитници на Нобеловата награда за економија?

63

Американските економисти Пол Милгром и Роберт Вилсон се добитници на Нобеловата награда за економија за 2020 година, за унапредување на теоријата на аукција и иновации во нови формати на аукција, соопшти шведската Кралска академија на науки.

На страната на Twitter на Шведската академија објавено е дека аукциите се одржуваат во сите области и дека тие влијаат на нашето секојдневие.

“Овогодинешните лауреати за економија, Пол Милгром и Роберт Вилсон ја подобрија теоријата на аукции и измислија нови формати на аукции, од кои ќе имаат корист трговците, купувачите и даночните обврзници ширум светот“, стои во објавата.

Минатата година Нобеловата награда за економија им беше доделена на Абиџит Банерџи, Естер Дифло и Мајкл Кремер за нивниот “експериментален пристап кон намалување на глобалната сиромаштија“.

Деновиве во Стокхолм беа објавени добитниците на Нобеловите награди за медицина, физика, хемија и литература. Нобеловата награда за мир беше соопштена во Осло, а ја доби Светската програма за храна на ОН за нејзините напори да се бори против гладот и недостигот на храна низ целиот свет. Лани организацијата им помогна на скоро 100 милиони луѓе во 88 земји во светот. Наградите традиционално се доделуваат на 10 декември, на денот на смртта на основачот на наградата, шведскиот научник и индустријалец Алфред Нобел (1833-1896), пронаоѓачот на динамитот.

Нобеловата награда се состои од златен медал, диплома и чек на околу милион евра. Оваа година поради пандемијата свечената вечера е откажана.

Фото: Twitter