Кои се најпопуларни бои за нови автомобили оваа година?

43

Некои трендови во автомобилската индустрија не се менуваат, па така белата, заедно со сивата, црната и сребрената боја се најпопуларни за нови автомобили во 2020.

За некои луѓе неутралните нијанси како бела, црна, сребрена и сива се малку досадно, но со оглед на тоа дека одат со речиси се и не влијаат на предпродажната вредност на возилата, тие се најпопуларните бои кога станува збор за нови автомобили во 2020 година.

Белата боја јасно доминира во глобалниот удел, со 38 проценти, по што следува црната која е прв избор за 19 проценти од купувачите, а за сива се одлучуваат 15 проценти од купувачите на нови автомобили. Сребрената е помалку популарна во однос на претходно, со оглед на тоа дека ја држи четвртата позиција со девет проценти од продажбата за изминатата година. Кога ќе се соберат овие четири бои, испаѓа дека 81 процент од продадените автомобили на глобално ниво за 2020 година користеле некоја од четирите наведени бои.

Анализата која е објавена од страна на Axalta, водечкиот глобален снабдувач на автомобилски бои го направи својот 68-ми извештај за најчесто избираните бои кај сите нови автомобили за 2020 година, а истата покажува дека сината и црвената се веднаш зад водечката четворка со седум и пет проценти од уделот. Ова истражување исто така покажува дека два и три проценти од возилата кои се направени оваа година биле финиширани во кафена/беж и жолта/златна боја. Зелената има удел од еден процент на пазарот.

Во Европа на првите две позиции се белата и сивата боја, каде секоја има по 25 проценти удел, по што следува црната, сината и сребрената боја. Кај Американците најпопуларни нови автомобили се оние со бела боја (30 проценти), а слеуваат црната и сивата (по 19) и сребрената (10 проценти). Во Азија белата има удел од 48 проценти, црната ја бираат 18 проценти, а сребрената е прв избор за 8 проценти од купувачите на нови автомобили. Најпопуларна боја во Кина е белата со 57 проценти, по што следуваат црната со 22 и сивата со шест проценти.

Покрај тоа што овие бои не влијаат на вредноста на возилото, не треба да се заборави дека огромен број од моделите во своето базично руво пристигнува во бела боја, тоа особено важи за оние возила кои се користат во комерцијални цели, додека црната боја е базична кај новиот Golf.

Преземено од Avtoplus.mk