Кој е лидер по невработеност во регионот и каде сме ние?

Пандемијата предизвикана од коронавирусот, освен што предизвика здравствена криза, таа им зададе “тежок“ удар на светските економии. Многу компании беа принудени да го намалат обемот на работат, други да запрат со работата на одредено време, трети да го намалат бројот на вработени…

Во однос на невработеноста, според податоците на Trending economics, највисока стапка во регионот има Босна и Херцеговина (32,43%). Овие податоци се од март оваа година.

Даночната управа на Федерацијата Босна и Херцеговина објави податок дека 19.861 работник во периодот од март до мај оваа година се пријавил во евиденцијата на невработени лица. Но, како што тамошните медиуми ги пренесуваат податоците на Сојузот на синдикати на БиХ, поради економската криза предизвикана од пандемијата, без работа останале 30.000 работници.

Втора по стапка на невработеност во регионот е Црна Гора. Последните податоци на Trending economics за оваа земја се од април годинава и покажуваат дека стапката на невработеност е 17,4%.

На евиденцијата на Заводот за вработување на Црна Гора, заклучно со четврти мај, има 40.382 невработени лица. Стапката на регистрирана невработеност на четврти мај беше 17,41%, а на 15-т март била 15,29%, така што има зголемување на стапката на невработеност за 2,12 процентни поени. Во периодот од 15-ти март до четврти мај, во Црна Гора на 611 лица им престанал работниот однос.

Трета по невработеност во регионот е Македонија со 16,2%. Во првиот квартал од оваа година, од вкупно 967.733 лица кои го сочинуваат активното население во земјава. 156.627 се невработени. Во последниот квартал од минатата година, стапката на невработеност беше 16,6%.

Со двоцифрена стапка на невработеност, од регионот е и Грција. Последните податоци за оваа земја се од февруари оваа година, кога невработеноста беше на ниво од 16,1%.

Следна е Србија, чија стапка на невработеност во првиот квартал од оваа година беше 9,7%. Во споредба со првите три месеци од минатата година, како што пренесува РТС, стапката на невработеност е намалена за 2,4 процентни поени.

Во Хрватска, според последните податоци од април оваа година, невработеноста е 9,4%. На пазарот на труд во овој момент има повеќе од 159.000 невработени. Од средината на март и почетокот на епидемијата, како што пренесува ХРТ, бројот на невработени е зголемен за 21.000.

Во Бугарија, согласно априлските податоци, стапката на невработеност е 8,9%, додека најниска е невработеноста во Словенија. Мартовските податоци покажуваат дека во оваа земја невработеноста била 8%.

Во првите пет месец од оваа година, во Заводот за вработување се пријавени 46.655 невработени, што е за 50% повеќе во однос на минатата година, пренесуваат словенечките медиуми. Во мај беа регистрирани 7.928 невработени, што е за 45% помалку во однос на април 75,6% повеќе во однос на мај минатата година.

Фото: Freepik