Кој е најпрофитабилен бизнис во земјава?

610

Од објавени 83 ревидирани финансиски извештаи, Комисијата за хартии од вредност (КХВ) констатира дека 66 компании во земјава лани оствариле добивка, а 17 завршиле во минус (со загуба).

Од овие 66 компании, анализирани според дејноста, 12 се банки или осигурителни компании, чија вкупна добивка лани била нешто над седум милијарди денари, стои во Извештајот за транспарентност на акционерските друштва на КХВ.

Иако една третина од компаниите со профит се од секторот индустрија, сепак нивната вкупна добивка е помала од онаа на “банкарите и осигурителите“ и изнесува 2,9 милијарди денари. На трето место, според остварената вкупна добивка се 12 компании од услужниот сектор (исти на број како и банките и осигурителните компании) со 1,9 милијарда денари.

Меѓу 66-те компании што годината ја завршиле со добивка, четири се од земјоделскиот сектор, а нивната вкупна добивка е најниска и изнесува 67,2 милиони денари.

Вкупната добивка на 66-те друштва што во 2019 година оствариле позитивен финансиски резултат изнесува 14.876.284.000 денари или околу 241,89 милиони евра, додека вкупната загуба на 17-те друштва што 2019 година ја завршиле со загуба е 915.904.000 денари, односно околу 14,89 милиони евра.

Во 2018 година, вкупната добивка на 74-те друштва била 14.875.003.000 денари или околу 241,87 милиони евра, а вкупната загуба на 17-те друштва изнесувала 740.908.000 денари, односно околу 12 милиони евра. Забележан е пораст на вкупната остварена загуба за околу 24% во 2019 во однос на 2018 година. Вкупниот износ на остварената добивка е речиси ист, меѓутоа за 2019 година извештаи со остварена добивка објавиле помал број друштва (66 друштва за 2019 година, во однос на 74 друштва за 2018 година).

Од 66-те друштва кои годината ја завршиле со нето добивка, 22 друштва имаат објавено дивиденден календар што значи дека дел од добивката ќе ја исплатат на акционерите како дивиденда (со тоа што едно друштво дивиденда ќе исплати само на сопствениците на приоритетните акции, но не и на сопствениците на обични акции), што претставува 33% од друштва што ја завршиле годината со нето добивка, односно 26% од друштвата што објавиле ревидирани финансиски извештаи до 30.06.2020 година.

За споредба, минатата година во првото шестмесечје, 27 друштва објавија дивиденден календар. Бројот на друштва што одлучуваат да поделат дивиденда на акционерите во првото шестмесечје од 2020 година е намален за 19% во однос на првото шестмесечје од 2019 година, што значи дека дел од друштвата се воздржуваат од распределба на добивката за дивиденда, односно одлучуваат добивката да ја задржат во друштвата.

Заклучно со 30.06.2020 година, вкупниот бруто износ на дивиденда што друштвата го издвоиле за исплата на акционерите изнесува 5.315.292.812 денари. Минатата година заклучно со 30.06.2019 година, вкупниот бруто износ што бил издвоен за исплата на дивиденда во 2019 година изнесува 7.486.966.990 денари (во кој износ е вклучена и една исплата на авансна дивиденда и исплата на дивиденда на приоритетни акции од страна на едно друштво). Во 2020 година, издвоениот износ за исплата на дивиденда е за околу 29% помал во однос на издвоениот износ за исплата на дивиденда во 2019 година.

Фото: Freepik