Кој ја претставува Македонија на форумот во Давос?

49

Од денеска до 24-ти овој месец, швајцарското планинско место Давос е домаќин на 50-от јубилеен годишен состанок на Светскиот економски форум.

Македонија има свој претставник на форумот, а тоа е министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Тој денеска учествуваше на панелот на тема Дипломатски дијалог за Западен Балкан.

Министерот Димитров настапи на панелот посветен на Стратегиски дијалог за земјите на Западен Балкан, како една од главните иницијативи на агендата на овогодишниот форум.

Со панелот модерираше Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум, а ко-претседавач беше Мирослав Лајчак, министер за надворешни работи на Словачка. Меѓу учесниците, а во својство на специјални гости поканети беа: Бојко Борисов, премиер на Бугарија, Сума Чакрабати, претседател на Европската банка за обнова и развој, Кристалина Георгиева, Управен директор на ММФ, Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска, Марјан Шарец, премиер на Словенија, Александар Вучиќ, претседател на Србија и Хашим Тачи, претседател на Косово. Меѓу останатите учесници беа и Томас Гремингер, Генсек на ОБСЕ, Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска, Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција, како и голем број извршни директори на познати светски и водечки компании.

На маргините на Форумот министерот Димитров имаше куси средби со премиерите на Република Бугарија и Република Хрватска.