Кој ќе го плати цехот од 8.000.000.000.000 евра?

512

Застојот поради корона пандемијата  се очекува оваа година да чини 8.000.000.000.000. Со зборови: осум илјади милијарди евра. Ова е вредноста на непроизведени автомобили, неприкажани филмови, неоствaрени патувања… како резултат на глобалното затворање, пресметано од Меѓународниот монетарен фонд.

Но, тоа не е единствената цена. Покрај тоа, има уште седум илјади милијарди евра потрошени од страна на државите за да ги заштитат работни места и да ги одржат бизнисите. Заедно, ова резултира во масовно пренасочување на ресурсите, пренесува Bankar.

Прашањето што се поставува во однос на оваа димензија е: кој ќе ја плати сметката? Постојат неколку одговори на ова. Едниот е: никој. На прв поглед, звучи грубо, но од денешна перспектива не е воопшто неверојатно. Во светски рамки, богатите земји како САД, Јапонија, Германија и Австрија  добиваат евтини заеми, со речиси нула камата. Значи, овие земји можат да одат во огромен долг, но тешко дека ќе го почувствуваат се додека можат повторно и повторно да ги обноват заемите исто толку евтино, пишува виенски Standard.

Како резултат на економскиот пад, многу инвеститори не знаат каде да ги вложат своите пари. Нема да се градат нови фабрики во блиска иднина. Многумина што можат да си го дозволат тоа, ќе се одлучат да заштедат. Овој вишок капитал значи дека цената на парите и каматата ќе остане многу ниска долго време. Со малку среќа, комбинацијата на ниски каматни стапки и умерениот економски раст во текот на следните пет до 10 години може да предизвика долгот што брзо порасна, со тек на време да се намали.

Но, не мора да биде така. Што ако економиите повторно започнаа да работат непречено и инфлацијата расте? Тогаш каматите ќе пораснат, а кулата со огромен долг ќе стане поскапа. Покрај тоа, во наредните години ќе се продолжи со инвестирање во скапи инвестиции, особено за заштита на климата. Сето ова сепак ќе троши пари што треба да доаѓаат од некаде.

Па, можеби кога пандемијата на коронавирусот ќе попушти, брзо ќе започне расправата за тоа од каде владата треба да земе дополнителни пари. Дали треба да се штеди или треба да се зголемат даноците? Очекуваното влијание на кризата врз распределбата на приходот и богатството е тесно поврзано со ова прашање.

Со ова прашање за занимава Валтер Шидел, економски историчар од Универзитетот Stanford.

“Нееднаквоста историски се намалила поради големите кризи. Поинаку е со моменталната. Од денешна перспектива, јазот во приходите веројатно ќе се прошири како резултат на кризата“, вели Шидел.

Добра вест: само најлошите катастрофи како чумата, војните и револуциите имаат избалансиран ефект врз приходите. Тогаш, големото богатство било уништено и оние работници што преживеале можеле да преговараат за подобри услови, затоа што имало недостаток на работна сила. Ова ја намалило нееднаквоста, но целокупното ниво на благосостојба се намалило.

Шидел не очекува истото да се случи и сега.

Колку и да е трагична сегашната пандемија на коронавирусот, за среќа, стапката на смртност е мала, во споредба со историските настани и поголеми кризи. Брзиот одговор на пандемијата и изобилството на пакети за економска помош на економиите одлично делуваа“, вели тој.

Студии од Австрија исто така, покажуваат дека јазот во приходите од работна сила обично се зголемува. Група истражувачи од Универзитетот во Виена редовно анкетираат 1.500 граѓани за тоа како се однесуваат во коронакризата. Главен фокус е влијанието врз приходот и пазарот на трудот. Според резултатите од оваа репрезентативна анкета, домаќинствата што имале малку пред кризата, имале поголема загуба. Сега значително повеќе домаќинства живеат со помалку од 1.100 евра месечно.

Постојат бројни конкретни предлози како да се спротивстави на оваа мешавина на високи трошоци и евентуално зголемување на нееднаквоста. Во моментов тие доаѓаат главно од левичарски економисти, невладини организации и здруженија. Она што ги обединува сите идеи е повикот за повисоки даноци за богатите. Стравот во оваа група е дека алтернативата би била заштеда, на штета на оние луѓе кои имаат најмала можност да се одбранат, пишува Standard.

Економистите Габриел Зукман и Емануел Саез од Универзитетот Berkeley во Калифорнија предлагаат да се воведе европски данок на богатство, што би ги погодил оние 1% од најбогатите луѓе. Луѓето со богатство под два милиони евра нема да се оданочуваат, а ако богатството е поголемо од осум милиони, данокот би пораснал и на два проценти. Критичарите на глобализацијата предлагаат уште порадикална мерка, во која се бара да се оданочуваат средства од 100 милиони евра со данок од 30%, а имотот вреден над милијарда, да се оданочи со дури 60%.

Во Германија се повикува на ревитализација на планот од 1952 година за наплатување на 50% данок на целиот имот, на четири годишни рати во период од 30 години.

Секако дека постојат и контрааргументи, па економистот Стефан Шулмеистер, кој не е непријател на данокот на богатството, вели дека предлозите се нереални, не само политички, туку и технички.

Ултрабогатите го вложија својот капитал во земјите, компаниите и хартиите од вредност. За да се финансираат даноци од 30%, па дури и од 60 %, тие би требало да ги пласираат своите инвестиции, но прашањето е кој би требало да го купи сето тоа?

Нееднаквоста не мора секогаш да се гледа низ призмата на богатите и сиромашните. Тука е и генерацискиот јаз. Ова беше видливо по финансиската и евро кризата: се зголемува јазот меѓу младите и старите.

Австрискиот економист Бернард Хамер смета дека сегашната криза, исто така, економски ќе влијае и врз младите луѓе, иако сè уште нема детални студии за тоа.
Ако е целта правична распределба на трошоците од кризата, политиката треба да цели и тие групи на граѓани и да побара придонес и од оние чии приходи досега беа поштедувани, на пример, тука пред се спаѓаат пензионерите и државните службеници.

Фото: Pixabay