Кој ќе ги гради „паметните“ патишта низ Македонија?

На македонските патишта ќе се користат иновативни решенија за да се подобрат условите за безбедност и да се дигитализира управувањето со сообраќајот. Ќе се поставуваат Интелигентни транспортни системи (ИТС), а со првичните активности е опфатен Коридорот 10 и веќе се евалуираат понудите од шест странски компании кои конкурираа на тендерот за избор на изведувач.

ИТС системите треба да бидат поставени на 200 километри патишта до крајот на 2027 година. Се очекува да ги унапредат транспортните услуги, да обезбедат информации во реално време за патување, поголема безбедност преку употреба на напредни системи за предупредување и информации за состојбата на патиштата и несреќи во реално време. Исто така и да се намалат и времето на патување и емисиите на штетни гасови.

Национален центар за управување со сообраќај ќе биде одговорен за следење, надзор и управување на сообраќајот и мобилноста на сите државни патишта и за обезбедување информации за корисниците на коридорите во врска со состојбата на патиштата, сообраќајот и патувањата.

– Се очекува воведувањето на ИТС да доведе до зголемување на бројот на туристи кои го користат Коридорот 10 и индиректно да се поттикне локалната економија преку зголемен приход од туристите. Имплементацијата на ИТС ќе придонесе за економски развој на поширокиот регион и промоција на одржлив и безбеден транспорт и трговија, ефикасност во управувањето и одржувањето со патиштата. Овој проект ќе го поттикне транспортот, туризмот и трговската размена на стоки и услуги меѓу сите земји по должина на Коридорот 10, посочуваат од Министерството за транспорт за МИА.

Нагласуваат дека најважните придобивки се наменети за возачите и корисниците на автопатот во насока на унапредување на транспортните услуги, информации во реално време за патување, поголема безбедност преку употреба на напредни системи за предупредување и информации за состојбата на патиштата и несреќи во реално време, намалување на време на патување и намалени емисии на штетни гасови.