Која е тајната на германското закрепнување

88

Закрепнување на германската економија се одвива побрзо отколку што се мислеше. Експертите сметаат дека причините се довербата на граѓаните и бизнисмените во владините мерки, малата зависност од туризмот, како и обемниот и брз пакет мерки за закрепнување на економијата.

Економската крива во време на криза може да изгледа како латинска буква L – пад, без закрепнување на повидок. Може да биде како U – благ пад, потоа бавно закрепнување. Но, се чини дека во германскиот случај, овој пат ќе биде како V – ненадеен пад, па нагло закрепнување, пишува Дојче Веле.

За разлика од Франција, Италија или Шпанија, каде што Европската комисија годинава очекува рецесија со двоцифрени проценти, Германија најверојатно ќе има пад помалку од 10%.

“Бидејќи од пролетта, кога скоро сè застана поради короната, германската економија повторно добива на интензитет. Според германското завод за статистика, економијата ‘малку закрепна’ во јули и август“, вели Алберт Бракман, кој е одговорен за економските индикатори.

“Тој пораст може лесно да продолжи, бидејќи индикаторите што ги предвидуваат економските трендови – обемот на нарачки до компаниите и истражувањата меѓу компаниите покажуваат континуирано закрепнување“, вели Бракман.

Германскиот БДП падна за дури 9,7% во вториот квартал поради коронакризата, но скоро сите економски експерти очекуваат значителен раст во втората половина на годината. Владата проценува дека на крајот на годината падот ќе биде само 5,8%.

Доверба во владините мерки

Дел од одговорот лежи во релативно мал број на заразени во споредба со другите западни земји – затоа, мерките против пандемијата беа нешто поблаги.

“Така, економската несигурност не е толку силна како во многу други земји“, рече Никола Брант, од германскиот огранок на Организацијата за економска соработка и развој.

“И на тоа треба да се додаде дека Германија е помалку зависна од туризам отколку Франција, Италија и Шпанија“, вели овој економист.

Фридрих Хајнеман од Центарот за европски економски истражувања ја наведува довербата на граѓаните во владините мерки како една од причините зошто Германија се справува релативно добро низ кризата.

“Одлучните мерки на владата за време на кризата ја зајакнаа довербата кај граѓаните. Поголемата доверба, исто така, доведува до поголема дисциплина во почитувањето на мерките, што може да ја објасни помеката динамика на вториот бран на инфекција“, смета Хајнеман. 

Тој посочува и за полната германска каса, што ѝ овозможи на државата да ги преземе трошоците за плата на работниците кои биле на принуден одмор.

Фото: Pixabay