Која компанија си ја зголеми кварталната добивка за 7.136%?

42

Прехранбената индустрија Кристал 1923 од Велес, којашто до минатата година работеше под називот Благој Ѓорев, на крајот на март оваа година прикажа вкупна сеопфатна добивка од 35.891.000 денари. Истиот период лани кварталната добивка на компанијата изнесуваше 496.000 денари, што според Прегледот на финансиски податоци за котирани друштва на Македонска берза, е промена од 7.136,09%.

Меѓу компаниите што котираат на берза, а имаат голема промена во кварталната добивка оваа во споредба со минатата година е и РЖ Техничка контрола, со 5.062,86%. На крајот на март оваа година, компанијата прикажа добивка од 1.807.000 денари, а истиот период минатата година го заврши со добивка од 35.000 денари.

Кланица со ладилник има 3.429,25% промена меѓу добивката во првите три месеци од оваа и минатата година. Па така, првото тримесечје од оваа година го заврши со добивка од 5.188.000 денари, додека на крајот на март лани оствари 147.000 денари добивка.

И Макстил се најде меѓу компаниите со голем скок на кварталната добивка и тоа за1.937,19%, бидејќи заклучно 31-ви март годинава, металуршката компанија прокнижи добивка од 72.137.000 денари, а истиот период лани работеше со добивка од 3.541.000 денари.

Фото: Pexels