Колку беа девизните резерви во јуни?

36

Вкупните девизни резерви заклучно 30-ти јуни оваа година имаа вредност од 3.639.740.000 евра или 560,6 милиони евра повеќе во однос на претходниот месец или 711,5 милиони евра повеќе во споредба со јуни 2019 година, покажуваат податоците на Народна банка.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (85%) коишто на крајот на јуни оваа година беа на ниво од 3.004.440.000 евра. Тоа е за 590,5 милиони евра повеќе во однос на мај, кога хартиите од вредност изнесуваа 2.413.890.000 евра.

Монетарното злато, што зафаќа 9,6% од вкупните девизни резерви, во јуни вредеше 348.030.000 евра што е за 4,3 милиони евра повеќе во однос на претходниот месец, а 72,6 милиони евра повеќе во споредба со јуни минатата година.

Од вкупните девизни резерви, 7,8% отпаѓаат на валути и депозити, чија вредност на крајот на јуни беше 285.660.000 евра што е за 34,2 милиони евра повеќе во однос на претходниот месец.

Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.

Фото: Freepik