Колку “другарски“ треба да се однесуваат претпоставените со вработените

163

Иако се случува претпоставените да станат пријатели со своите вработени, сепак треба да има граница до каде може да се оди.

Во ред е да разговарате за разни теми и да споделувате информации, но во рамки на професионалното. Не е во ред да раскажувате што сте правеле за викендот, да изнесувате детали пред вработените, но секако дека не е во ред и да бидете целосно затворени за разговор.

Друга важна работа е да не фаворизирате никого. Без разлика, ако со некој вработен сте поблиски од другите, надвор од работното место, не дозволувајте тоа да има влијание врз останатите и да предизвика раздор, а со тоа и непродуктивност.

Како лидер треба да бидете пример за вработените, а тоа значи да бидете коректни кон сите, да не зборувате за никого зад грб, да внимавате како давате комплименти, но и да не критикувате доколку немате вистинска причина.

Исто така, не се советува претпоставениот да биде пријател со вработените на социјалните мрежи. Или во најдобар случај може да имате сопствена група каде што ќе се дискутира за работата и секоја активност поврзана за компанијата.

Кога треба нешто да споделите со тимот, тоа направете го пред сите, водете го состанокот, кажете што имате, па потоа поканете ги вработените да ги кажат своите мислења и предлози.

Важно е и да бидете вклучени во разни прослави во канцеларијата. Притоа треба да одржите доза на растојание, односно културно да се појавите, честитате/поздравите и да го оставите тимот со добра порака и расположение. Не би било во ред доколку шефот “претера“ на забавата.

И претпоставените и вработени се луѓе кои можат да згрешат, па од големо значење се извинувањата без разлика од каде доаѓаат.

Клучот е во секое време да се задржи човечноста, додека се одржува пријателски однос помеѓу двете страни и се знае до која граница смеат претпоставените и вработените да бидат “другари“.

Фото: Pixabay