Колку е популарен интернетот меѓу пензионерите во Македонија?

Вкупно 81% од лицата во Македонија, на возраст од 16 до 74 години, користеле интернет во последните три месеци.

Најголема популарност има меѓу лицата на возраст од 16 до 24 години (97%), еден процентен поен помалку меѓу лицата на возраст од 25 до 34 години (96%), додека 90% од лицата меѓу 35 и 44 години користеле интернет во последните три месеци, покажуваат податоците на Eurostat. Меѓу повозрасната популација, интересот за користење интернет е помал, па така кај лица на возраст меѓу 55 и 64 години тој процент е 63, а кај оние на возраст од 65 до 74 години е 44%.

На ниво на Европска унија, 88% од лицата на возраст меѓу 16 и 74 години изјавиле дека користеле интернет во последните три месеци.

Минатата година, Данска има највисок процент на постари лица (од 65 до 74 години) што користеле интернет – 94%. Потоа следат: Луксембург и Шведска (по 91%), Холандија (90%) и Финска (88%). За споредба, само 25% од лицата на возраст од 64 до 74 години во Бугарија користеле интернет во последните три месеци, по што следат Хрватска (28%) и Грција (33%).

Фото: Pexels