Колку заработуваат медицински сестри, пекари, банкари, инженери… во Германија

446

Сојузниот завод за вработување на Германија објави список на платите за 2019-та година, којшто ја прикажува бруто платата на најпопуларните занимања во земјата.

Па така, медицинските сестри во Германија заработуваат 3.547 евра, пекарите 3.502, багеристи 3.421 евро, службеник во банка 4.875 евра, градежен инженер 5.246 евра, професионален возач 2.556 евра, електричар 3.143, фризер 1.684, келнер 1.934, готвач 2.284 евра, молер 2.776 евра, ѕидар 3.214 евра…

Станува збор за бруто плата во којашто се пресметани и даноци и придонеси. Висината на данокот што се одбива од платата, како што пренесува Sputnik, зависи од даночната класа на вработениот, а во пресметката се анализира и фактот дали работникот е во брак или живее сам, дали е самохран родител, колку деца има и слични податоци.

Германците имаат шест даночни класи. Колку е поголема платата, толку е и поголема разликата во промена на даночните класи. Доколку некој има бруто плата од 3.000 евра, нето платата во прва даночна класа би му била 1.938 евра, во втората 1.991, во трета 2.226, а во шеста 1.533 евра.

Германија има и одредена минимална саатница. На почетокот на оваа година е зголемена минималната плата по час од 9,19 на 9,35 евра на час. Минималната саатница е воведена во 2015-та година и изнесувала 8,50 евра.

Фото: Freepik