Комерцијална банка оствари добивка од 316,7 милиони денари

18

komercijalna banka logo

Комерцијална банка оствари позитивен финансиски резултат од 316,7 милиони денари во период од први јануари до 30-ти септември, стои во Коментарот на неревидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, банкара прикажа загуба од 183,7 милиони денари.

“Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 29% повисока во однос на минатата година што се должи во најголем дел на зголемените нето приходи од камата и зголемувањето на останатите приходи (пред сè приходи од капитални добивки од продажба на средства и приходи од девизно работење), при истовремено намалување на оперативните расходи (пред сè на материјалните трошоци и премиите за осигурување на депозити)“, се вели во Коментарот.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.239,6 милиони денари и бележат пораст од 12,7% во однос на истиот период минатата година. Нето приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2015 година истите бележат зголемување од 12,9% во однос на истиот период од минатата година. Планот за анализираниот период е исполнет со 103,9%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2015 година изнесуваат 654,6 милиони денари и во однос на состојбата од минатата година бележат намалување од 1,4%. Планот за анализираниот период е исполнет со 95,1%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2015 година изнесуваат 77,1 милион денари и во однос на состојбата од минатата година бележат намалување од 9,8%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2015 година изнесуваат 194,3 милиони денари и во однос на состојбата од минатата година бележат зголемување од 80,3%. Во рамките на останатите приходи во анализираниот период остварени се нето приходи од работа со хартии од вредност за разлика од минатата година кога ефектот беше негативен, зголемена е капиталната добивка по основ на продажба на преземен имот, додека позначително зголемување бележат и приходите од девизно работење (арбитражи).

Загубите поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец септември изнесуваат 367,2 милиони денари и се зголемени за 28,6% во однос на истиот период од минатата година.

Поголемиот дел од евидентираното оштетување (336,7 милиони денари) се однесува на имотот преземен по 01.01.2010 година, додека остатокот претставува евидентирано оштетување на имот преземен до 01.01.2010 година и загуба за оштетување по основ на препроценки.