Комерцијална банка: Реализирана првата трансакција со хартии од вредност во странство

43

Фото: Pixabay

Дирекцијата за вршење услуги со хартии од вредност, при Комерцијална банка АД Скопје, на 12-ти јули, успешно ја реализираше првата трансакција со хартии од вредност на странски пазар. Во рамки на предвидениот рок (Т+2) трансакцијата беше и успешно порамнета од страна на Дирекцијата за вршење старателски работи, стои во соопштението.

Оваа трансакција беше извршена за постоечки клиент, за кој беше проследен и реализиран налог на германската берза Xetra за купување обични акции. Вкупната вредност на трансакцијата изнесуваше 30.110 евра. На 17.07.2019 е реализиран и налог на физичко лице за купување обични акции на Xetra во вкупна вредност од 4.678 евра.

Комерцијална банка со оваа трансакција, како што се наведува, потврди дека за краток период ги воспостави системските услови и законски предвидените процедури за тргување со хартии од вредност во странство по налог на домашни и на странски физички и правни лица. Брокерските и старателските услуги од Комерцијална банка се достапни за вршење трансакции на која било регистрирана берза во светот, при што за клиентите се обезбедени сите потребни информации за условите и трошоците за спроведување на бараната трансакција.