Комерцијална банка со добивка од 1,3 милијарди денари добивка за девет месеци

66

Комерцијална банка, во периодот јануари – септември оваа година, евидентираше добивка од 1.300.588.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на истиот период лани, банката прикажа добивка од 1.728.934.000 денари.

“Помалку остварениот финансиски резултат во тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на приходите на банката во истиот период од минатата година. Во текот на првиот квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, така што беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен ефект во минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на преземен имот. Наспроти ова, во тековниот период доминираат приходите од редовни активности и се забележува стабилизирање на нивото на исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености“, стои во Коментарот на неконсолидираниот биланс на успех на банката.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.067,6 милиони денари и, како што се наведува, бележат намалување од 13,3% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2019 година истите бележат намалување од 5,3% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалени приходи од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, поради намалување на нивната состојба, како и од намалени приходи од камати од секторите држава и финансиски друштва поради намалени каматни стапки на државните и благајничките записи.

Наспрема тоа, приходите од камата од секторот домаќинства бележат минимално зголемување поради зголеменото кредитирање споредено со истиот период минатата година и покрај намалување на активните каматни стапки. Планот за анализираниот период е остварен со 93,4%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2019 година изнесуваат 705,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13%.

Планот за анализираниот период е остварен со 101,9%. Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2019 година изнесуваат 82,7 милиони денари и бележат намалување од 22,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 79,3%.

Фото: Pixabay